Завчерашниот пожар што избувна во претпријатието „Пофикс“ во Тетово го покри градот со црн чад. Иако податоците од Министерството за животна средина и министерот велат дека квалитетот на воздухот е во границите на нормалата, еколошките организации и активисти велат дека воздухот е загаден и дека пожарот освен што е предизвикана лоша миризба во градот, граѓаните чувствуваат главоболки и печење на очите, пишува Порталб.мк.
Граѓанското општество и експертите од областа на животната средина предупредуваат на загадување на воздухот и велат дека е потребна внимателност.
Иван Карапетров, хирург од Тетово, за загадувањето предизвикано во градот вели дека е со штетни и канцерогени елементи и запаливи честички, кои ќе придонесат за зголемување на бројот и сериозноста на белодробните заболувања.
„Потребни се повеќе истражувања за понатамошно разбирање на штетните здравствени ефекти кои можат да доведат до болести. Особено ранливи се децата, постарите лица и луѓето кои живеат непосредно во местото на пожарот. Тука спаѓаат и бремените жени, лица со веќе постоечки срцеви и белодробни хронични болести. Потребен е аналитички пристап и итен извештај потпишан од експерт за да се простудираат здравствените ефекти од загадувањето на воздухот, со цел да се подобрат процените за изложеноста на населението во наредниот период, со што ќе се делат совети за населението за движењето во таа област“, вели Карапетров и апелира до смирување на ситуацијата, да се користат маски N95 и KN95 секојпат кога граѓаните ќе излегуваат од дома.
Нгадњим Мехмети, од еколошката организација „Еко герила“, нагласува дека врз основа на она што го велат експертите, завчерашното горење на стиропорот кој се состои од полистирен, што е материјал главно базиран на пластика – плетронеум, материјал што содржи полистиренски мономери кои се канцерогени и содржат смртоносен јаглерод моноксид.
„Последиците ќе се видат подоцна, вчера чадот беше високо додека денеска ги гледаме последиците со многу лоша миризба, честичките од денеска почнаа да паѓаат на земја и се чувствува неподнослива миризба. Денес во едно училиште, за жал, можевме да видиме деца како играат. Неодговорно, децата беа принудени да бидат изложени на овој смртоносен и канцероген чад“, вели Мехмети.
Во моментов воздухот во Тетово е со многу тежок мирис што ги иритира дишните органи, вели еколошкиот активист Аријанит Џафери.
„Нормално со препораките дистрибуирани вчера, но верувам дека треба да продолжат и денеска граѓаните да носат заштитни маски кои барем го филтрираат воздухот што се внесува во органите за дишење. И денес некои граѓани, а и јас, чувствуваат печење очите, поради тешкиот мирис, како да имало палење на пластика, воздухот е како да гореле лекови. Горењето на стиропорот во фабриката Пофикс вчера предизвика еколошка катастрофа. Тоа испушта јаглерод моноксид, но и саѓи. Да е во мали количини не би било голема штета, но во големи количини, како вчера, предизвикува разни иритации на органите за дишење, па ќе беше попаметно денес училиштата и градинките да беа затворени, бидејќи ова најмногу влијае кај децата, а освен за нив многу е опасно за трудниците но и за повозрасните лица кои патат од било каква здравствена компликација на дишните органи. Мора да бидеме дополнително внимателни, бидејќи големата количина на изгорениот материјал ја влошува ситуацијата. Во текот на вчерашниот ден и денеска разговарав со некои луѓе кои, како последица на ситуацијата, исто така се жалеа на главоболки“, рече Џафери.
И од иницијативата „Тетово сака парк“ упатија критики до надлежните дека не вложуваат доволно напори во однос на животната средина.
„Има податоци дека стопански субјекти согоруваат сомнителна енергија, а инспекциите не проверуваат на терен“, соопштија од „Тетово сака парк“.
Министерство за животна средина и просторно планирање од вчера и денес преку веб-страницата и Фејсбук профилот континуирано ги информира граѓаните за квалитетот на воздухот во Тетово, дека според нив засега нема простор за паника и дека воздухот е во рамките на нормалните дозволени вредности.
Дури и министерот, Насер Нуредини вчераутро од местото каде што избувна пожарот порача дека граѓаните не треба да дигаат паника за загадување на воздухот.
„Важно е граѓаните да знаат дека вредностите за квалитетот на воздухот, засега, се во рамки на нормалата и продолжуваме да се координираме со градоначалникот и ќе ги информираме граѓаните доколку дојде до промени во вредностите за квалитетот на воздухот. Ова е случај кој не треба да се повтори во иднина“, изјави Нуредини.
И од Општина Тетово врз основа на податоците на министерството велат дека воздухот не е загаден до таа степен за да биде штетен.
Сепак, со овие ставови не се согласуваат еколошките организации и активисти.
Многу смешно, иронично и цинично, вели Нгадњим Мехмети од Еко Герила за односот на министерството во врска со квалитетот на воздухот во Тетово.
„Кому сега да веруваме, на лошиот воздух што го чувствуваме или на бројките што ни ги продаваат преку монитори. Ова е крајно неодговорно, вакви настани кои постојано ни се случуваат во Тетово, доаѓаат токму од не професионалноста, незнаењето, неодговорноста и институционалната неказнивост. Денеска и во наредните денови ќе ги почувствуваме последиците“, рече Мехмети.
Според Арианит Џафери, загадувањето предизвикано од пожарот во фабриката не стигнало до сензорите на мерните станици, кои не покажуваат високи нивоа на загаденост, меѓутоа допрело до очите и дишните органи на граѓаните кои го чувствуваат.
„Исто така, на некои места може да се забележи дека има високи концентрации на загадување низ градот. Тоа се работи за кои зборуваме, на височини каде што сензорите на мерните станици не ги фаќаат, затоа покажуваат ниски нивоа на загадување, сепак загадувањето и понатаму е алармантно високо, затоа е потребно поголемо внимание“, рече Џафери.
Еколошкиот активист и креатор на мрежата AirCare, Горјан Јовановски вели дека итно треба да се зголеми мрежата на мерни станици во Тетово и смета дека само така ќе се добие јасна слика за квалитетот на воздухот во градот, кој има историја на рекордна загаденост.
„Мрежа од една мерна станица не е мрежа. Со една мерна станица во густо населен град не може реално да се процени квалитетот на воздухот. Бројките од мониторинг -локацијата на Министерството покажуваат како е воздухот во негова близина, но не знаеме што е подалеку или, на пример, во близина на фабриката каде вчера избувна пожарот“, вели Јовановски.
Тој смета дека Тетово треба да добие уште многу мерни станици за квалитетот на воздухот. Вели дека Министерството треба да постави уште една станица во рамки на Државниот мониторинг, но и општината и граѓаните може да направат своја мрежа.
„Јасно е дека финансиите секогаш ќе бидат изговор, но мора да биде јасно дека има сензори кои чинат и до педесет евра и кои многу точно покажуваат. Да имаше Тетово такви луѓе, сега сликата за вистинското загадување ќе беше многу појасна. Затоа, не секогаш се работи за финансии, мора да се има желба“, рече Јовановски.
Тетово во моментов има само една мерна станица за квалитетот на воздухот од Министерството за животна средина и просторно планирање, која се наоѓа во близина на основното училиште „Кирил и Методиј“, на оддалеченост од околу 2 километри од фабриката која изгоре.
Сепак, Елмедина Абдулаи, активистка од еколошката организација „Мајка и дете“ и општински советник од „Подобро за Тетово“ вели дека во моментов Универзитетот на Југоисточна Европа во соработка со општина Тетово инсталираат пет мобилни сензори во градот. Абдулаи истакна дека го поддржува тоа што го вели Јовановски дека треба да има мрежа на мерни станици за квалитетот на воздухот. Додаде дека имаат приватни сензори за мерење на квалитетот на воздухот, но дека во моментов се нефункционални.
Мрежата на мерни станици во Тетово е дефинитивно неопходна, а како активисти на „Мајка и дете“ ја побаравме пред речиси десет години. Како резултат на потребата, благодарение на многуте волонтери успеавме да поставиме мрежа со пет мерни единици на различни локации, но од технички причини моментално не се во функција. Ќе се ангажираме мерните станици што ги имаме да ги поправиме за да потоа повторно ги вратиме во функција“, рече Абдулаи.
Џафери и Мехмети, меѓу другото, истакнаа дека вакви магацини, во кои се продаваат лесно запаливи материјали, треба да се дислоцираат подалеку од населените места каде во случај на ваква катастрофа влијанието врз животната средина и здравјето на граѓаните би било помало. Исто така, соодветните инспекторати треба да го проверат секое претпријатие за да се уверат дека има заштита од пожари и план за нивно управување, како и казни во случај на непочитување на условите. Во меѓувреме, според Џафери, отстранувањето на загадувањето ќе зависи од ветровите кои можат да дуваат во наредните денови и дека во текот на наредната недела треба да се врши континуирана дезинфекција на улиците.
Инаку, пожарот што избувна завчера наутро околу 9:30 часот во просториите на поранешната фабрика „Македонија табак“ и „Пофикс“ е ставен под контрола, додека пожарникарите продолжуваат со активностите за целосно гаснење. Екипата на Армијата за заштита од атомско, хемиско и биолошко оружје констатирала дека во воздухот нема честички од отровни гасови.
По пожарот предизвикан вчера во Тетово сопственикот на компанијата Пофикс денеска се заблагодари на граѓаните и надлежните кои пружија помош при пожарот и рече дека материјалните штети ја надминуваат бројката од над 12 милиони евра.