Компанијата „Пејпер Мил“ бара дијалог со граѓанските активисти кои пак се лути на регионална телевизија

Фото: ДЗЖС

Телевизиска емисија со гостувањето на генералниот директор на кочанската компанија „Пејпер Мил“, Јулијан Даскалов, го предизвика гневот кај кочанските екологисти. Даскалов синоќа на регионалната телевизија „Стар“ зборуваше за плановите за еколошка заштита преку поставување на вреќест филтер, со што смета дека ќе се задоволат пропишаните стандарди. Она што ги револтираше граѓаните, беше тврдењето на Даскалов дека капацитетот не загадува и има, како што рече, „исклучителна улога во еколошкото опкружување како единствена фабрика во Македонија која рециклира хартија“.

„Ако нема фабрика која рециклира, каде ќе се рециклира таа хартија? „Пејпер Мил“ учествува во целосната еколошка политика на Република Македонија, како единствен рециклатор на хартија, отпадна хартија. Ако оваа хартија отиде на депонија, може да предизвика еколошка катастрофа, има биоразградиви процеси итн. Ние ја рециклираме точно таа хартија и од неа произведуваме уникатни производи од хартија како што се харитиените ќеси. Во овој процес нема хемиски реакции, така што апсолутно не предизвикува никакво загадување“, рече Јулијан Даскалов.

Граѓанските активисти, кои се обидинети и преку единствена иницијатива од 12 граѓански здруженија „Одбор за здрав живот во Кочани“, сметаат дека тоа рециклирање внесува директна штета на нивното здравје. Денеска споделуваат повеќедневни биланси со резултати за квалитетот на амбиенталниот воздух од мерната станица кај училиштето „Љупчо Сантов“, како и филмско потсетување на тоа низ што поминаа. Други пак бараат да покренат иницијатива за санкционирање на телевизијата, бидејќи според нив, дозволила да се шират дезинформации. Еден од граѓаните, сподели копија од неговата реакција до фејсбук, со кој бара да се забрани профилот на телевизијата, бидејќи ширела лажни информации.

Во ФБ постот се вели дека бараат:

1. Да се запре со работа на котелот на пелети доколку се надминат емисии на 50 mg/m3 прашина и да продолжи да работи на котелот на метан. Вградување на филтер за сузбивање на миризба.

2. Емисиите на прашина да се мерат континуирано и да се објавуваат на веб страната на „Пејпер Мил“.

3. Да се изгради и пушти во употреба станицата за пречистување на отпадни води во најитен можен рок и да се исчистат лагуните во кои се врши таложење на отпадните води.

4. Да се работи на доведување гас од Штип до индустриски зони Кочани и Виница.

5. Да се лоцираат и санкционираат и другите загадувачи во Кочани како на воздух така и на вода и почва.

6. Контрола на квалитетот на храната, побараа од иницијативата и најавија дека барањата ќе бидат доставени до сите институции, инспекторатот и политички чинители.

Даскалов од Пејпар Мил ги повика активистите на дијалог. Тој тврди дека почнале да разговараат со властите и со граѓаните пред престојното рестартирање на производството, најавено за април оваа година.

„Да ги потпишеме прво сите документи, да потпишеме некаков Меморандум или документ со Инспекторатот за животна средина за да бидеме сосема сигурни што ни претстои. Инаку, првична идеја имавме да го удвоиме капацитетот на фабриката, нешто што веќе еднаш го направивме. Кога ја купивме имаше капацитет од 600 тона месечно, сега рециклираме 1.350 тони хартија, а идејата е да стигнеме до 2.700 кое е околу 30 илјади тони годишно или општо кажано, целото количество на отпадна хартија во Македонија. Планираме 50-60 повеќе вработувања, а за инвестиции планот ни е над 15 милиони евра“, изјави Даскалов.

Најавено е дека во март се очекува да се имплементира нов систем за прочистување на воздухот на фините честички прав, преку поставување на вреќестиот филтер. Филтерот, според објаснувањето, е своевиден контејнер од 8,5 метри должина, 3,5 метри височина и 2,5 метри широчина со над 130 таканаречени „ракави“, инвестиција од 55 илјади евра. Според директорот на „Пејпер Мил“, овој филтер за три пати го намалува количеството на прашина која се испушта.

Во некогашната кочанска „Хартија“, како инвеститор влезе бугарска команија, која стопанисува со „Пејпер Мил“. По неколкуте организирани протести на граѓаните, Државниот инспекторат за заштита на животна средина наложи печките што рециклираат да работат на гас. Исто така, беше утврдено дека мерењата, по налог на компанијата, ги работела несоодветна лабораторија.

„Пејпер Мил“ има А интегрирана дозвола, издадена од Министерството за заштита на животната средина и просторно планирање.