Дрворед во Охрид | Фото: Архива на Мета.мк

Започнуваат подготвителни активности за комплетна реконструкција на една од главните сообраќајни артерии на Охрид, улицата „Јане Сандански“ и тоа од крстосницата со булеварот „Туристичка“ до кружниот тек кај Болнички комплекс и замена на дотраената азбестна водоводна линија.

„Деновиве ќе се изврши отстранување на старите и оштетени стебла од дрворедот на улицата. Во рамки на проектот за реконструкција на оваа важна сообраќајница, планирано е подигнување на нов дрворед“, информираат од локалната самоуправа.

Од неформалното здружение на граѓани „Охрид СОС“ реагираа и упатија барања до општината да ја повлече оваа одлука бидејќи е донесена без консултација со јавноста.

„Ваквите одлуки се носат без апсолутно никаква консултација со јавноста. На ниеден начин не се охриѓани вклучени во процесот и транспарентно информирани за плановите за да може да дадат свој коментар или забелешки. Во Архуската конвенција чијшто потписник е и Македонија, јасно се утврдени правата поврзани со одлуки кои ја засегаат животната средина: процес на сеопфатна консултација е задолжителен, транспарентна комуникација со граѓаните е задолжителна ако сакаме навистина да бидеме земја која ги почитува демократските начела и која го штити владеењето на правото“, велат од „Охрид СОС“.

Тие побараа веднаш да се повлече одлуката за сечење на дрворедот на ул. „Јане Сандански“ и општината да го објави целосниот проект за реконструкција на улицата со неколку сценарија.

„Еднаш засекогаш да запре уништувањето замаскирано како некаква реконструкција и ‘во согласност со закон’“, потенцираат екологистите.

Од Општина Охрид, пак, со став дека во согласност со својата годишна програма, во континуитет инвестира во подобрување на животната средина и одржување на зеленилото во градот, а дека во тек е тендерска постапка за набавка на вкупно 300 четиригодишни садници од видот Acer platanoides, од кои дел ќе бидат наменети за новиот дрворед на улицата „Јане Сандански“.