!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Објавени нови документи за убиството на Кенеди


Вашингтон, 4 ноември, 2017 - 11:16 (META) 

Американскиот Национален архив објави нови 676 владини документи поврзани за убиството на некогашниот претседател на САД, Џон Ф. Кенеди, во 1963 година. Тоа е трето објавување на документи од Националниот архив годинава.

Претседателот на САД, Доналд Трамп, минатата недела нареди преостанатите податоци да станат достапни за јавноста и им нареди на федералните агенции повторно да ги проучат предложените интервенции и што помал број информации да останат тајни.

Поголемиот број од денешните документи опфаќаат 553 податоци на ЦИА, кои досега не биле објавени.  Документите за убиството на претседателот Кенеди беа ставени под ознаката „строго доверливо“ во 1992 година со одлука на тогашниот американски претседател Џорџ Буш Постариот, со која се воведе 25-годишна забрана за објавување на овие податоци поврзани со атентатот врз Кенеди.

Таквата одлука на Буш уследи по прикажувањето на филмот „Џ.Ф.К.“ на Оливер Стоун во 1991 година, во кој беа изнесени тврдења за заговор на американските власти за убиство на Кенеди.


Центарот на Штип излепен со „потерници“ за пратеникот на СДСМ, Бочварски


Штип, 16 март, 2017 - 18:36 (META) 

На повеќе локации во центарот на Штип денеска беа излепени лажни потерници за пратеникот во Собранието на Република Македонија од СДСМ, Благој Бочварски.

На „потерниците“, Бочварски се бара за предавство, односно, како што стои на нив, заради „прифаќање на редефинирање на државатa и албанскиот јазик… промена на химната и знамето и воведување казни од 5.000 евра за непознавање на албанскиот јазик“.

Изминатите два дена, лажни потерници со ликовите на пратениците на СДСМ, Стево Пендаровски, Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, со идентична содржина, беа излепени во неколку скопски населби.

„Потерниците“ се копија (и по дизајн и по текст) на тие што можат да се видат на интернет, како, на пример, за некогашниот американски претседател Џон Кенеди и доскорешниот станар на Белата куќа, Барак Обама.


„Потерниците“ за пратениците на СДСМ по урнек на „потерниците“ за Обама и за Кенеди


Скопје, 15 март, 2017 - 15:32 (META) 

Лажни потерници со ликовите на пратениците на СДСМ, Стево Пендаровски, Павле Богоевски и Ивана Туфегџиќ, утрово беа излепени во неколку скопски населби.

Во нив овие пратеници на СДСМ се обвинуваат дека се предавници и дека прифатиле официјализирање на албанскиот јазик како втор службен јазик, двојазични банкноти и униформи, како и дека прифатиле редефинирање на државата како вовед во кантонизација и во федерализација.

„Потерниците“ се копија (и по дизајн и по текст) на тие што можат да се видат на интернет, како, на пример, за некогашниот американски претседател Џон Кенеди и доскорешниот станар на Белата куќа, Барак Обама.

Во онаа за Кенеди се вели „Ова лице се бара заради предавнички активности против Соединетите Држави“. На летокот се вели дека тој го предал уставот и суверенитетот на државата. Овие „потерници“ биле поставени низ Далас неколку дена пред убиството на Кенеди на 22 ноември 1963 година.

Слично како во „потерницата“ за Кенеди, и во таа за Обама се наведува дека тој го предал уставот и суверенитетот на државата, како и дека ја предал довербата на американските граѓани.


Што значи оригинално СОС: „Спасете ни ги душите“, „Спасете ни ја кожата“… од Сорос?


Скопје, 18 јануари, 2017 - 11:38 (META) 

Вчера беше објавено формирањето на новото граѓанско движење „Стоп операција Сорос“, чија кратенка, односно акроним е идентичен со интернационалниот Морзеов сигнал за тревога и за помош при несреќа – СОС (три точки, три цртички и три точки).

Целта на движењето, како што велат основачите, Цветин Чилиманов, Никола Србов и Ненад Мирчевски, е „да се иницира и да се даде придонес во процесот на десоросоизацијата во Република Македонија“, што пред еден месец ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Инаку, интернациолниот повик за помош СОС, во популарна употреба се врзува со фразите „Save Our Ship“ (Спасете го нашиот брод), „Send Out Succour“ (Испратете обезбедување), „Save Our Soul“ (Спасете ни ги душите), „Save Our Skins“ (Спасете ни ја кожата)…

Според „Википедија“, интернационалниот сигнал за помош првпат е усвоен од германската влада на 1 април 1905 година, во рамките на нивата радио-регулатива, а следната година е прифатен како стандарден меѓународен повик со потпишувањето на Втората меѓународна радиотелеграфска конвенција на 3 ноември 1906 година. Таа стапува на сила на 1 јули 1908 година. СОС останува на сила до 1999 година кога е заменет со Глобалниот поморски систем за безбедност и за тревожење, но и понатаму важи и се препознава како визуелен сигнал за помош при несреќа.

СОС-сиганалот за помош при несреќа се состои од три точки, три цртички и три точки, сите испишани заедно без простор меѓу знаците (буквите), што ги симболизираат.

„Стоп операција Сорос“ емитуван со скратеницата, односно акронимот СОС звучи вака:

Инаку, граѓанското движење, покрај присвојувањето на сигналот за помош – СОС, својата мисија ќе ја води по максимата „Не прашувај што државата направила за тебе, туку што ти си направил за државата“.

Станува збор за славната реченица кажана од претседателот на САД, Џон Фицџералд Кенеди, за време на неговиот инаугуративен говор за претседател во 1963 година.