!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Демонстранти фрлаа тоалетна хартија кон романската Влада


Букурешт, 9 ноември, 2017 - 13:01 (META) 

Околу 1.500 демонстранти синоќа фрлаа тоалетна хартија кон зградата на романската Влада, на протестот против итните мерки предложени од владата.

Дел од мерките е и владиниот предлог-закон со кој се предвидува во иднина министерот за правда да го именува јавниот обвинител, без можност претседателот на државата да влијае врз изборот. Според опозициските демонстранти, оваа одредба ќе доведе до потчинување на судството од страна на Владата. Протестот беше и против даночните измени што ги планира левичарската влада.

„Не сакаме да бидеме нација на крадци“, „Излезете од домовите“, „Срамно крвопролевање“ беа некои од паролите што можеа да се забележат на протестот. Тоа беше вториот протест на плоштадот „Викториеи“, откако претходниот, кој се одржа некаде околу пладне, беше помалкуброен.


И вечерва протести во Букурешт, се собраа десетици илјади Романци


Букурешт, 3 февруари, 2017 - 20:44 (META) 

Протестите поради одлуката на романската влада да ги ублажи прописите за сузбивање на корупцијата продолжија и вечерва пред седиштето на владата на Романија. На плоштадот Викторија се собраа десетици илјади граѓани.

Сепак, таму и на улиците на Букурешт, генерално, е помирно отколку во претходните денови. Демонстрантите носат знамиња на Романија, а има и многу деца со своите родители или баби и дедовци.
Велат дека дека зад нив не стојат политички партии, туку дека граѓаните се едноставно гневни од одлуката на владата која, според нив е „надвор од здравиот разум“.

Поддршка добија и од народниот правобранител, Виктор Чорбеа, кој првично ја поддржа владината одредба за корупцијата, но денеска го сменил мислењето и поднел жалба на одлуката.
Се очекува Уставниот суд на Романија во вторник да го објави датумот на почеток на расправата за спорната владина одредба.


Бројот на жртвите во пожарот во Букурешт се зголеми на 31


Букурешт, 2 ноември, 2015 - 20:40 (META) 

Властите во Романија соопштија дека уште една личност им подлегнала на повредите предизвикани од пожарот во ноќниот клуб во Букурешт, со што бројот на загинатите се зголеми на 31.

Министерот за внатрешни работи на Романија, Габриел Опреа, рекол дека машко лице чиј идентитет не е утврден, денеска им подлегналo на повредите.

Директорот на клиниката за изгореници, пластична и реконструктивна хирургија, Кристијан Нитеску, рекол дека жртвата немала роднини, освен брат кој живеел во странство.

Повеќе од 130 луѓе и понатаму се наоѓаат на болничко лекување, а кај 90 ситуацијата е критична или сериозна.

Јавното обвинителство во Романија претходно соопшти дека трите сопственици на ноќниот клуб „Колектив“ во кој во петокот изби пожар, се осомничени за убиство од небрежност и за нанесување тешки телесни повреди од небрежност.

Сведоците велат дека пожарот избил затоа што искри од пиротехничките средства користени на хевиметал-концерт ја запалиле звучната изолација во клубот.

Ирина Раду, директорка на јавниот сервис во Романија, поднесе оставка затоа што телевизијата со часови доцнела во известувањето за несреќата во ноќниот клуб, додека многу приватни телевизии за пожарот известувале од минута во минута.