Фото: Влада

Македонската фудбалска репрезентација пристигна во Букурешт каде во недела (13 јуни) ќе го одигра првиот натпревар во рамките на едно Европско првенство од осамостојувањето до денес. Честа да ни биде противник во овој историски меч ѝ припадна на репрезентацијата на Австрија. Четири дена подоцна, на 17 јуни во 15 часот, на фудбалскиот терен ќе се соочиме со Украина.

Инаку, на патот за Романија репрезентативците на Меѓународниот аеродром Скопје ги испрати премиерот Зоран Заев.

Заев на фудбалерите и на стручниот тим им посака успешен настап на ЕУРО 2020, среќа, добра тимска игра и фер плеј и да продолжат со успесите со кои веќе испишуваат нови страници во историјата на македонскиот фудбал пласирајќи се на Европското првенство.

Нашиот национален тим, порача премиерот, покажа дека со упорна работа, со храбро срце на терен и нашата фудбалска репрезентација може да биде дел од најголемите европски тимови.

„Сакам уште еднаш да ви се заблагодарам и да ви оддадам почит од сè срце, за тоа што нè израдувавте и нè правите горди Македонци! Сакам да ви посакам успех, добро здравје и одлична тимска игра! Секако ќе се радуваме на сите ваши, било какви резултати! Сакам посебно да истакнам дека вашето вложување на теренот, умешноста, храброто срце на терените, нас гледачите нè прават посебно горди и сите ние заедно испраќаме пораки на поврзаност и заедништво,“ потенцираше Заев.

Тој додаде дека нивната тимска игра, почитувањето и односот кон државата и припадноста пренесува една огромна порака дека само со заедништво, почитување и обединување, победата е можна.

„Вие, почитувани наши национални претставници, членови на македонската репрезентација, вие уште сега сте нашите победници! Вие сте нашата гордост! Нека победи фудбалската игра и спортскиот дух“, им порача Заев на фудбалерите на заминувањето за Букурешт, Романија, каде ќе се одиграат првите два натпревари од Европското првенство во фудбал.