Куќен притвор за две лица поради демолирањето на канцеларијата на Иванов

Единицата за насилен криминал на скопската полиција поднела кривична пријава против две лица, осомничени дека учестувале во демолирањето на народната канцеларија на претседателот на државата, Ѓорге Иванов, за време на протестот што се одржа во средата против одлуката на претседателот да аболира 56 лица против кои се водат кривични постапки поврзани со незаконското прислушување.

Како што соопшти МВР, станува збор за Н.А. (30) и Ф.Н. (30), кои, според пријавата, се товарат за учество во толпа што ќе изврши кривично дело. Судија на претходна постапка на осомничените, кои, како што информираат од МВР, и претходно биле пријавувани за дела поврзани со насилство, им одредил мерка куќен притвор од осум дена.

„Во врска со настанот запознаен е јавен обвинител и по прегледувањето на видеозаписите, од страна на јавниот обвинител и на полициски службеници од Единицата за насилен криминал е констатирано дека Н.А. и Ф.Н. активно учествувале во група што врши оштетување на народната канцеларија на претседателот на Република Македонија, изнесување на инвентар од неа и опожарување на инвентарот на коловозот“, стои во соопштението на МВР.

На протестот, се додава во соопштението, биле приведени вкупно 13 лица. Двајцата осомничени и другите 11 приведени, велат од МВР, во изјавите што ги дале во полициската станица Беко, негирале дека ја демолирале канцеларијата.

Против другите 11 приведени, полицијата поднела барање за поведување прекршочна постапка.