!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Иванов од ЕУ-амбасадорите очекува да помогнат во националното помирување


       
Скопје, 9 декември, 2016 - 16:38 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов денеска се сретна со амбасадорите на земјите членки на Европската Унија во Република Македонија, со кои разговарал за членството на Македонија во ЕУ и за бегалската криза.

Од кабинетот на претседателот соопштуваат дека Иванов изразил очекување дека веднаш по предвремените парламентарни избори, ЕУ и земјите членки на конкретен начин ќе помогнат европската агенда и реализацијата на неопходните реформски процеси да станат приоритет и ќе помогнат во националното помирување, кое тој го смета за неопходно.

Кабинетот на Иванов информира дека европските амбасадори ги поздравиле повиците на претседателот Иванов за национално помирување и се согласиле дека помирувањето е најургентниот од сите процеси во Македонија.

„На средбата, претседателот Иванов побара промена на досегашниот пристап на Европската Унија кон интеграцијата на Македонија, кој се покажа како непродуктивен. Досегашниот пристап, оцени македонскиот претседател, не помогна да се изгради повисока политичка и култура на компромиси и политички дијалог, како и почитување на институциите. Само со деблокада на македонските евроинтеграции, според претседателот Иванов, земјата ќе излезе од маѓепсаниот круг на политички кризи и на недоверба“, се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.

На средбата биле разменети мислења и за заканата од илегална миграција и за заканата од насилен екстремизам. Претседателот Иванов оценил дека земјата има проактивен и превентивен пристап во менаџирањето на мигрантската криза и посочил дека и покрај внатрешната политичка криза, Македонија покажала дека има стабилни институции, кои успешно се справија со мигрантската криза и со безбедносните ризици.