Хан бара промена на политиката на ЕУ кон Турција

Еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Јоханес Хан смета дека Европската Унија треба да го промени односот на Унијата кон Труција, која е земја-кандидат за членство во ЕУ, откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган неодамна ги повика Турците кои живеат во Германија да не гласаат за двете владејачки партии на претстојните парламентарни избори.

Ердоган минатата недела изјави дека германските граѓани со турско потекло на изборите не треба да гласаат за Христијанско-демократската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел, за Социјалдемократската партија (СПД) на Мартин Шулц или за Зелените, бидејќи овие партии покажале анти-турски став.

„Верувам дека дојде време членките да ги разгледаат стратешките импликации од ваквото однесување. Кревањето на раменици не е долгорочна политичка стратегија“, изјавил Хан за германскиот дневен весник „Зидојче цајтунг“.

Хан својот став го оправдува со мешањето на Ердоган во кампањата за парламентарните избори во Германија, како и со барањето на Анкара за екстрадиција на германско-турскиот писател Доган Аканли.