!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Дачиќ ги повика ЕУ, САД и Британија да реагираат на изјавите за „голема Албанија“


       
Белград, 20 април, 2017 - 21:45 (META) 

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, денеска изјави дека Европската Унија, САД и Велика Британија ќе бидат директно одговорни за последиците доколку не реагираат на последните изјави на албански политичари за соединување на Албанија, Косово и на три општини од југот на Србија, јавува дописникот на „Мета“ од Белград.

Во реакција на изјавата на претседателот на општината Бујановац, Јонуз Муслиу, дека унијата на Албанија и на Косово „би била бесмислена без Прешевската Долина и без Медвеѓа, Бујановац и Прешево“, која денеска ја пренесуваат српските медиуми, повикувајќи се на агенцијата „Прешева јон“, Дачиќ рече дека албанските политичари стануваат „главна закана за мирот и за стабилноста на Балканот и на Европа“.

– Координираните изјави на Рама, Тачи и на Муслиу покажуваат дека „голема Албанија“ е цел на сите Албанци. Денеска Муслиу на тоа го додаде Ниш, утре ќе го додаде Скопје, Улцин, Епир. Ќе кажат ли нешто ЕУ, САД и Велика Британја за ова? Ако не го направат тоа и овојпат, кога „голема Албанија“ ќе стигне до Ниш, ќе бидат директно одговорни за последниците – изјави Дачиќ.

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, вчера изјави дека доколку ЕУ ја „затвори вратата“ за Косово, „сите Албанци во регионот ќе живеат во една единствена држава за да може да се продолжи со интеграцијата во европското семејство“. Еден ден претходно, премиерот на Албанија, Еди Рама, изјави дека не ја исклучува можност од унија на Косово и на Албанија доколку биде запрена интеграцијата на Западен Балкан во ЕУ.