Чедомир Саздовски од ГРОМ и Андреј Жерновски станаа членови на ЦО на СДСМ


       
Скопје, 26 март, 2018 - 9:27 (META) 

Поранешниот лидер на ЛДП Андреј Жерновски и поранешен пратеник од ГРОМ на Стевчо Јакимовски, Чедомир Саздовски, се избрани за нови членови на Централниот одбор на вчерашната седница на Централниот одбор на владејачката партија. Нов член на ова тело е и Костадин Костадиновски.

Централниот одбор на СДСМ синоќа ја одржа петтата седница, на која, како што се соопштува во партиското соопштение, членовите дискутирале за актуелната состојба во државата, спроведувањето на реформите, политиките за подобар живот на граѓаните, зголемување на животниот стандард и внатрепартиските активности.

Лидерот на СДСМ Зоран Заев најавил дека започнува разговори со други политички субјекти за зголемување на парламентарното мнозинство.

– Оваа недела започнувам разговори за зголемување на парламентарното мнозинство. Целта е, преку разговор со други политички субјекти да обезбедиме поширока поддршка на реформскиот процес и на реализација на Планот „3-6-9“. Во оваа насока оставаме простор, преку политички дијалог и со опозицијата, клучните закони, за коишто е потребно пошироко мнозинство, да бидат донесени и со учество на опозицијата – рекол Заев.