!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Арнаудов: Неправедно притворените се чесни луѓе и јунаци


       
Скопје, 16 декември, 2017 - 17:50 (META) 

ВМРО-ДПМНЕ и денеска протестираше поради притворањето на лицата обвинети за насилствата во Собранието од 27 април годинава, На протестот, кој денеска се одржа пред затворот Шутка се обратија Ламбе Арнаудов, Никола Србов и Влатко Ѓорчев.

Арнаудов рече дека луѓето кои доаѓаат на протест се храбри луѓе и оти вистина e дека храбрите пократко живеат, но ти оние кои не се храбри воопшто не живеат. Тој се обрати и до притворените во истражниот затвор во Шутка, порачувајќи им дека се чесни луѓе и јунаци.

-Вие браќа и сестри јунаци, кои ние овде ве чувствуваме како наши сострадалници, вие денеска ја играте вашата улога во најголемиот отворен амфитеатар кој го направила човечката цивилизација, што се вика Македонија, изјави Арнаудов.

Србов пак рече дека лицата чии усти биле полни со демократија денес истата ја уриваат, а се кршат и сите ратификувани повелби за правата на човекот.

Тој истакна дека оваа борба ќе биде долга и мачна, но дека мора да се издржи. Тој кажа дека прво треба да се ослободат неправедно притворените, а потоа и да се ослободи државата од владеењето на Заев.

Пратеникот Влатко Ѓорчев рече дека секојдневно се намалува бројот на лицата кои ги поддржуваат оние што го вршат овој политички прогон.

– Оние кои ја поддржуваа Шарената револуција секој ден се оградуваат од неа на Фејсбук, оние кои што пишуваа пишува секој месец по 3-4 или 10 колумни секој месец се погласно пишуваат против оваа актуелна Влада. И најголемите нивни поддржувачи ден по ден, месец по месец, тема по тема стануваат се покритични кон оние кои што ги затвораат оние што се внатре тука – изјави Ѓорчев, притоа порачувајќи им притворените дека ќе дојде слободата и оти повторно ќе ги видат своите најблиски.