Заев: Македонија на следните избори мора да добие Влада со полн легитимитет

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, на државниот министер во германското МНР, Михаел Рот, му го соопштил ставот на партијата дека се неопходни фер и регуларни избори, за што се потребни прочистен избирачки список и регулација на медиумите.

– Државната изборна комисија, како независна институција чијашто обврска е избирачкиот список, треба да ги соопшти роковите за прочистување на списокот, во кој мора да имаат доверба сите политички субјекти во државата и граѓаните. Од голема важност за предизборниот и за изборниот процес е да се обезбеди и објективно известување, бидејки најголем дел од медиумите се под контрола на власта, поради што опозицијата нема фер шанса за медиумско претставување. СДСМ нема да отстапи од ставот за фер и за регуларни избори со примена на европските вредности – рекол претседателот на СДСМ, Заев.

Тој на средбата со Рот истакнал дека Македонија на следните избори мора да добие влада со полн легитимитет, а тоа е можно само на фер избори. Според Заев, само така ќе се овозможи нормализација на институциите и стабилност на Република Македонија.