Заев и Гаши ја објавија коалицијата: Имаме стабилно парламентарно мнозинство

Фото: Влада на РСМ

Премиерот Зоран Заев и претседателот на Алтернатива Африм Гаши денеска потпишаа Договор за ново и стабилно парламентарно мнозинство и за учество на Алтернатива во составот на Владата. Алтернатива вчеравечер ја донесе одлуката да влезе во владината коалиција.

Постигнатиот договор за владата со Алтернатива се однесува до крајот на 2024 година, а оваа партија во идниот владин кабинет ќе раководи со министерството за здравство, министерството за информатичко општество и администрација, а ќе има и еден министер без ресор задолжен за дијаспората. Покрај тој министер без портфељ, планирани се уште неколку такви министерски позиции. Алтернатива ќе раководи и со неколку важни државни претпријатија и институции.

Заев на денешната заедничка прес-конференција истакна дека стабилно парламентарно мнозинство и стабилна Влада „значи дека новата проширена коалиција ја презема одговорноста за сигурна иднина и на државата и на граѓаните на Северна Македонија“.

„Постигнатиот договор е гаранција дека имаме мнозинство кое ќе работи на решенија за сериозните актуелни предизвици како што се обезбедувањето континуитет и успешен епилог на процесот за почеток на преговори за членство во ЕУ, односно изнаоѓањето решение со Република Бугарија, понатаму, справувањето со ковид-19 пандемијата и, се разбира, глобалната енергетска криза“, нагласи Заев.

Како посебно важно тој нагласи дека новата влада е подготвена да разговара со Бугарија за одблокирање на ЕУ интеграцијата на земјава и добивање датум за почеток на преговорите за членство..

„Порака до ЕУ и посебно до пријателска Бугарија: Во Северна Македонија има зголемено и стабилно парламентарно мнозинство и подготвени сме на европски начин со дијалог и меѓусебно почитување и разбирање да го надминеме проблемот и да го сочуваме и надградиме нашето пријателство меѓу двете држави и двата народи. Ние сме братски народи“, истакна Заев и додаде дека дома ни преостанува континуитетот на европеизацијата на која ќе работиме со полн капацитет.

Овен министерските позиции, Алтернатива ќе има и тројца заменици министри, како и директорски позиции во фондови, агенции, државни претпријатија и болници. Меѓу поважните беа истакнати МЕПСО, Фондот за пензиско и здравствено осигурување, Железници транспорт, Клинички центар Тетово, Агенција за странски инвестиции и други.

Претседателот на Алтернатива Африм Гаши рече дека основните начела го опфаќаат мобилизирањето на сите капацитети на државата и општеството со цел отворање на преговорите со ЕУ и за успешно комплетирање на сите поглавја за полноправно членство во ЕУ.

Постигната е согласност Владата да испрати официјално барање до Европската Комисија со кое ќе побара тим од независни експерти кои ќе извршат меѓународна истрага на процеси за кои постојат сомневања дека врз нив било вршено политичко влијание.

Заеднички е прифатено да биде донесен нов Закон за рамноправен регионален развој , како и развивање и имплементација на политики за унапредување на правата и интересите на сите индивидуи и заедници во земјата и дополнително за поддршка на семејството како една од суштинските компоненти на општествениот живот.

Беше соопштено и дека Владата нема да дозволи поголемо покачување на цената на струјата од 20% во текот на 2022 година, преку субвенционирање на граѓаните и компаниите и други економски мерки.