Заев ги повика албанските партии да не коалицираат со Груевски

-

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска ги повика албанските партии што имаат освоено пратенички мандати во Собранието да не коалицираат со ВМРО-ДПМНЕ и со нејзиниот лидер, Никола Груевски, бидејќи во спротивно тоа би значело поддршка на режим и на диктатура, наспроти волјата на мнозинството граѓани.

– Сите партии мора да ја почитуваат волјата на мнозинството граѓани на последните избори за промени. Особена одговорност имаат лидерите на партиите, кои не смеат да помислат заради финансиски, коруптивни побуди или водени од лични или теснопартиски интереси, да не ја испочитуваат волјата на граѓаните. Сакам да биде јасно за сите партии што имаат пратеници во Собранието дека евентуална коалиција со Груевски значи коалиција за режим и за диктатура. Никој нема право да поддржи дикратура спротивно на волјата на гласачите. Граѓаните јасно го отфрлија режимот и се определија за демократска иднина на Република Македонија – рече Заев.

Лидерот на СДСМ го осуди говорот на омраза што, според него, сака да го наметне Груевски со своите соработници, а против невладините организации и амбасадорите, кои, како што рече, работат посветено да им помогнат на граѓаните на Македонија.

– Нема да дозволам да се наштети на амбасадорите кои се гости во нашата земја, ниту на кој било граѓанин во земјава. Нема да дозволам да биде загрозена иднината на Македонија во Европската Унија и во НАТО – нагласи Заев.

Тој истакна дека федерализацијата и кантонизацијата постојат само во главата на Никола Груевски, а, од друга страна, Македонија има одличен Устав, кој ќе се почитува.

Прашан дали СДСМ разговара со албанските политички партии за коалиција, Заев рече дека треба да се почека да завршат сите изборни процеси, а потоа секако дека ќе има разговори.

Инаку, Зоран Заев денешната прес-конференција ја одржа пред Собранието по повод „црниот понеделник“ – 24 декември 2012 година – кога насилно од собраниската сала беа исфрлени пратениците на СДСМ и новинарите од галеријата.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...