Фото: Влада на РС Македонија

Премиерот Зоран Заев и вицепремиерите за европски и за економски прашања Никола Димитров и Фатмир Битиќи остварија средба со поранешниот премиер на Грција и актуелен лидер на политичката партија Сириза, Алексис Ципрас во Атина.

Како што соопштија од Владата, Заев и Ципрас изразиле задоволство што „Договорот од Преспа е силно признаен, препознаен и поддржан од сите чинители во регионот, Европа и пошироко и што на него се гледа како пример за решавање спорови меѓу други држави“.

Денес придобивките од Договорот ги препознаваат и политичките чинители кои од различни причини пред три години имаа сомнежи и неверувања, било нагласено на средбата.

Лидерот на Сириза и поранешен премиер на Грција, Ципрас ја потенцирал силната поддршка за Северна Македонија за почеток на преговорите за членство со Европската Унија и порачал дека ќе го вложи целиот сопствен капацитет и капацитетот на неговата партија да ја поддржи Северна Македонија во остварувањето на оваа стратешка цел.

„ЕУ треба да испорача кон земјите како Северна Македонија кои покажаа сериозни резултати на европскиот пат и со тоа да се оневозможат нови политички засилувања на националистичките и деструктивните политички чинители на Западен Балкан и во Европа“, заклучиле Заев и Ципрас.