fbpx

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја враќа оградата од ковано железо околу Владата

Два метри високата ограда од ковано железо беше поставена во 2015 година, откако пред владата се одржаа серија протести поради објавените „бомби“ за прикривање на убиство на младиот Мартин Нешкоски

-

Меѓу многуте одлуки од денешната, втора седница на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, донесена е и одлука за враќање на оградата околу владината зграда, која беше отстранета пред пет години.

Ваквата одлука за време на седницата беше правдана со тоа дека објектот сега бил опкружен со „нефункционална и нерепрезентативна ограда во сопственост на МВР“ и затоа се задолжува Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) да започне постапка за враќање на оградата која веќе еднаш беше поставена.

Директорот на СОЗР, Ивица Томовски на седницата информирал дека оградата била „несоодветно чувана“ под надворешни влијанија во објектот на касарната Илинден, за што ќе се прават дополнителни процени.

Оградата на Владата од ковано железо и бетонски столбови, висока над два метра, беше поставена во 2015 година во период кога пред Владата се случуваа масовни протести. Станува збор за протестите кои започнаа на 05 мај 2015 година по објавувањето на прислушуваните разговори или т.н. „бомби“ од страна на опозицијата кои се однесуваа на смртта на Мартин Нешкоски.

Во сетот на прислушувани разговори за убиството и обидот за прикривање на убиството на Нешкоски можеше да се слушнат поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, нејзиниот заменик Иво Котевски, потоа Мартин Протуѓер, шеф на кабинет на тогашниот премиер и сегашен бегалец од правдата Никола Груевски и шефот на Управата за безбедност и контраразузнавање Сашо Мијалков.

Младото момче беше претепано до смрт од страна на припадници на специјалните полициски сили на плоштадот „Македонија“ во Скопје за време на одржување на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ на предвремените парламентарни избори во 2011 година. Неговото убиство покрена серија протести уште во 2011 година.

Неколку дена по протестите на 05.05.2015 година, поточно на 9 мај 2015 година, во населбата „Диво насеље“ во Куманово имаше вооружена пресметка каде загинаа 8 припадници на полицијата. По престрелката протестите стивнаа, а помалку од два месеци подоцна околу зградата на Владата беше подигната ограда од ковано железо за над 700.000 евра.

Опколувањето на Владата со метална ограда предизвика реакции во јавноста, на што тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ рече дека во оградувањето „нема ништо чудно“.

Металниот дел од оградата беше отстранет во февруари 2019 година, за време на владеењето на Социјал-демократскиот сојуз на Македонија откога останаа само столбовите.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Партизацијата продолжува – „свои“ луѓе на чело на институциите под превезот на в.д. директори

Продолжува практиката на именувањето вршители на должност како директори во јавните претпријатија. Со смената на власта и доаѓањето на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, како лавина почна именување на нови в.д....