Владата почнa постапка за разрешување на Зврлевски

Новата Влада на својата втора седница, што се одржа денеска, донела одлука да поведе постапка за разрешување на државниот јавен обвинител, Марко Зврлевски.

Одлуката за разрешување на Зврлевски, како што соопштија попладнево од Владата, била донесена поради незаконско и ненавремено извршување на функцијата, а предлогот, се додава во соопштението, ќе биде доставен до Советот на јавни обвинители кој треба да даде мислење.

Претходно деновиве, новиот премиер Зоран Заев изјави оти очекува Зврлевски сам да си поднесе оставка, бидејќи, како што рече, актуелниот јавен обвинител е „еден од симболите за узурпирана правна држава“.

На денешната седница бил разрешен и досегашниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски, и на негово место, односно за нов директор е именуван Пеце Мирчески.

Владата на седницата ги разгледала и првичните информации за последиците од невремето во Тетовско, поради излевањето на Поројска Река, а надлежните министерства биле задолжени брзо да формираат комисија, која ќе излезе на терен и ќе ги утврди штетите.

„Истовремено, дадено е задолжение на министерствата за транспорт и врски и за животна средина да подготват подетална информација за теренската состојба околу Поројска Река, за трајно решавање на проблемот за жителите од овој реон“, стои во соопштението од Владата.