Вистиномер: Младата пациентка, чие семејство се согласило нејзините органи да се донираат, немала ковид-19!

Фото: Martin Sanchez на Unsplash

 

Фејсбук објава во следниот пост дезинформира дека ќе бидат донирани органи од млада пациентка почината од ковид-19 пишува Вистиномер.мк во новата анализа што подолу ја пренесуваме во целост.

Пациентката, инаку, е почината во сообраќајна несреќа и не била заболена од ковид-19. Објавата се однесува на напис со наслов ,,Филипче: Меѓу починатите од ковид 19 денеска има и млада пациентка нејзините органи ќе бидат донирани“.

Во написот е изнесена дезинформација и таа му е атрибуирана на министерот за здравство, Венко Филипче, кој пред спортскиот центар „Борис Трајковски“ даде изјава за новинарите, во која што зборуваше на повеќе теми. Откако заврши со своето излагање поврзано со ковид-19 пандемијата, болничките капацитети, вакцинацијата и сите состојби за кои секојдневно информира, Филипче рече дека ќе соопшти информација надвор од темата.

Оттука произлегува, дека изјавата која се однесува на починатата пациентка, која била млада и чии органи со согласност од семејството ќе се донираат, ако се најде соодветен реципиент, не е на темата ковид-19.

Сепак, во написот, лажно се тврди дека починатата пациентка имала ковид-19, нешто кое што предизвика сериозни недоумици, паника и многу прашања на социјалните мрежи, зашто граѓаните почнаа да се прашуваат дали смее лице кое имало ковид да биде донор на органи. Не е точно дека младата девојка чие семејство се согласило нејзините органи да се донираат, била позитивна на ковид-19. Таа била негативна на ковид, потврдуваат од Министерството за здравство за „Вистиномер“ и имала сообраќајна незгода.

,Кадаверот е повредена во сообраќајна несреќа и по неможност да се спаси откако ѝ била констатирана мозочна смрт семејството се согласи да се донираат нејзините органи, ни рекоа од Министерството за здравство.

Во изјавата на министерот Филипче од 4 минута и 14 секунда во видеото, исто така, е јасно наведено дека тој ќе информира за нешто што е надвор од темата ковид-19. Тој вели:

И уште една информација надвор од темата. Веројатно дека имаме потенцијал да се направи уште една трансплантација денеска кај нас за жал млад починат пациент. Има согласност од семејството за донација и сега се прават проверки и во однос на тоа дали може да се направи трансплантација и на срцето и на бубрезите. Ако се најдат соодветни реципиенти во текот на денешниот ден се ќе се заврши. Во овој момент, добивме согласност од семејството. Ќе се направи проверка согласно приоритетите, крвната група, согласно тоа ќе соопштиме во јавноста. Ако има можност за трансплантација на срце ќе бидат вклучени истите тимови како претходната трансплантација, рече Филипче. 

Со брза проверка на интернет, веднаш може да се открие дека починати пациенти, заболени од ковид-19, не можат да бидат донатори на органи за трансплантација. На оваа страница на Националниот здравствен сервис на Велика Британија, која содржи најчесто поставувани прашања во однос на трансплантациите во време на пандемија, во одговорот на прашањето: „Дали е безбедно да се врши трансплантација на органи во моментов?“ дел од одговорот гласи:

Донирањето на органи од починати лица се разгледува од случај до случај. Секој потенцијален донатор на органи се тестира за ковид-19. Ако некој е заболен од ковид-19, тој не може да биде донатор.

Оттука, како невистинита ја оценуваме информацијата дека органи од ковид-19 позитивен пациент ќе бидат донирани за трансплантација. Со изнесената невистина е настаната паника и недоумици и прашања кај граѓаните, а, всушност, станува збор за невнимателно информирање во кое е прекршен првиот член од Кодексот на новинарите, кој налага информациите да бидат точни и проверени и да не се сокриваат факти, пишува Вистиномер.мк во новата анализа.