Видео на Фејсбук шири невистини и шпекулации за убиството на Вања Ѓорчевска

Трагедијата со киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, за жал, беше и сè уште е повод за изобилство на дезинформации, теории на заговор, кои неуморно се шират на социјалните мрежи. Таква е и оваа вирална објава, во којашто се изнесуваат еден редица шпекулации и дезинформации

Фото: Исечок од видеото во рецензираниот Фејсбук пост.

Трагедијата со киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, за жал, беше и сè уште е повод за изобилство на дезинформации, теории на заговор, кои неуморно се шират на социјалните мрежи. Таква е и оваа вирално видео во кое сопственикот на Фејсбук профилот преку обраќање во живо изнесува многу невистини и теории засновани на шпекулации. На пример, во еден дел од објавата се тврди дека никогаш не биле кажани кои се убијците од Смилковско Езеро, што не е вистина, пишува „Вистиномер“ во својата анализа.

Текстот подолу го пренесуваме во целост:

 

 

Речиси две недели после исчезнувањето на 14 годишната Вања Ѓорчевска и една недела откако таа и 74 годишниот велешанец Панче Жежовски беа пронајдени мртви, овој случај сè уште ја бранува и потресува македонската јавноста. А кога нешто толку многу ја окупира јавноста, тоа се рефлектира и на социјалните мрежи, најчесто во негативен контекст. Имено, секогаш кога нешто ударно се случува, на социјалните мрежи започнуваат да се шират теории на заговори, дезинформации, шпекулации и полувистини.

Во виралното видео што е предмет на оваа рецензија, сопственикот на Фејсбук профилот преку обраќање во живо изнесува многу невистини и теории засновани на шпекулации, коишто Вистиномер ги дебанкира во овој текст.

Тој во еден дел од објавата тврди дека никогаш не биле кажани кои се убијците од Смилковско Езеро. Ова не е вистина.

Во април 2012 година, кај Смилковското Езеро беа убиени момчињата Филип Славковски, Александар Наќевски, Цветанчо Ацковски и Кире Трпковски, како и рибарот Борче Стевковски. Овој случај исто така длабоко ја потресе македонската јавност. Во судскиот процес за случајот познат како „Монструм“, кој започна во декември истата година, на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ. Обвинетиот Фејзи Азири доби 15 години затвор, а Хаки Азири 9 години. Ослободителна пресуда поради недостиг на докази доби единствено обвинетиот Сами Љута. Осудените Алил Демири и Африм Исмаиловиќ се во бегство во Косово, по нив беа распишани потерници, но и покрај ветувањата од Приштина тие досега не се екстрадирани во Северна Македонија. Ова се имињата и презимињата на виновниците, што го прави невистинито тврдењето во видеото дека тие никогаш не биле кажани.

Понатаму во видеото тој вели дека се убиваат деца за политички цели, за да останат на власт, притоа тој тука алудира и на скорешното убиство на Вања Ѓорчевска. Изнесува сериозно обвинување, иако не кажува конкретно кои други убиства на деца се случиле за политички цели. Оваа ситуација со грабнувањето и убиството на Вања нема никаква врска со полтички цели. Мотивот на обвинетите не бил политички.

Основниот јавен обвинител Гаврил Бубевски на прес-конференција за новинарите истакна дека можен мотив за убиството на Вања е користољубие, изнуда на пари од мајката. Така што и ова тврдење искажано во видеото не е точно.

Во дел од видеото личноста која се обраќа тврди дека неодамна исчезнале деца од Источна Македонија и не се пронајдени. Ова, исто така, не е вистина.

Вистина е дека во Кочани на 2 декември беше пријавено за исчезнато 13-годишно девојче, но тоа беше пронајдено од страна на нејзиниот татко. На почетокот на ноември, исто така, беше пронајдено 16-годишно девојче, откако мајка во полициска станица во Аеродром го пријавила нејзиното исчезнување. Неколку дена пред исчезнувањето на Вања, жена лажно пријави дека ѝ исчезнало дете од Детска клиника. Против жената е поднесена кривична пријава за лажно пријавување кривично дело.

На крајот тој изнесува една чиста дефиниција,  а тоа е етничката припадност на убијците. Тој тврди дека убијците не се Македонци, како што кажаа надлежните:

На три различни медиуми излегуваат со истиот муабет, значи некој му го напишал, излегуваат со истата реченица која Спасовски ја употреби прва на почеток на неговото интервју (се мисли прес-конференција – н.з.) и последна да го потврди тоа што го кажува. Дека нема националистичка (се мисли етничка – н.з.) позадина во случајот со малата Вања, дека сите осомничени се Македонци. Кој те праша што се? Чим никој не те прашува, а ја почнуваш реченицата со тоа треба сами да знаете дека чим викаат дека сите се од македонска национална припадност, треба да ви е јасно дека е баш не се од македонска припадност и дека има национална позадина позади тоа. Јас сум сигурен дека има (08:54 – 10:21 мин од видеото).

Ова бизарно, подбуцнувачко тврдење, базирано на целосна нелогичност, е невистина. Сите медиуми ја кажаа оваа информација уште во неделата (03.12.2023), неколку саати пред официјалната прес-конференција во понеделникот (04.12.2023), затоа што тоа беше дел од официјалното соопштение на Јавното обвинителство:

Воедно, наспроти шпекулациите и дезинформациите, според кои овој случај има етничка заднина, информираме дека сите осомничени се од македонска етничка припадност.

Оваа реакција на обвинителството е затоа што на социјалните мрежи, а и во дел од медиумите, започнаа да се шират теории на заговор дека случајот има етничка позадина. Ова почна да се шпекулира откако три дена по исчезнувањето на Вања на профил на „Фејсбук“ кој се претстави во име на „Џамија во Подујево“, а со фотографија од имамот Арбер Бериша, беше објавено дека девојчето се наоѓа таму, што предизвика паника со коментари под објавата за исчезнатата Вања Ѓорчевска на профилот од нејзината мајка. МВР демантираше дека Вања е пронајдена, а косовската полиција започна истрага да го пронајде сопственикот.

Исто така, во неделата на 3 декември, пред МВР и Јавното обвинителство да излезат со соопштение, опасна, етнички обоена и потпалувачка дезинформација ги зовре социјалните мрежи. Претседателот на партијата Македонски концепт, Петар Богојески сподели на социјалните мрежи оти власта се обидува да прикрие убиство, изразувајќи сомнежи дека „осомничените биле пуштени на слобода од полициска станица“ и прашувајќи „дали се веќе пренесени на Косово?!?“

Овие негови објави испровоцираа лавина коментари, a токму поради ваквите шпекулации МВР и Јавното обвинителство во своето соопштение по овој повод нагласуват дека сите петмина осомничени за убиството се Македонци. А не поради тоа што, всушност, тие не се навистина Македонци, како што тврди лицето во ова видео што се шири на Фејсбук.

Трагедијата со киднапирањето и убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје, за жал, беше и сè уште е повод за изобилство на дезинформации, теории на заговор, кои неуморно се шират на социјалните мрежи. Таква е и оваа вирална објава, во којашто се изнесуваат еден редица шпекулации и дезинформации и затоа ја оценуваме како невистинита.