Вашингтон и Сеул телефонски разговараа за нуклеарниот тест на Северна Кореја

Претседателскиот кабинет на Јужна Кореја соопшти дека највисоките власти на Сеул и на Вашингтон разговарале по шестиот нуклеарен тест што го изведе Северна Кореја.

Кабинетот соопшти дека американскиот советник за национална безбедност, Херберт Рејмонд Мекмастер, и неговиот корејски колега, Чунг Уи-јонг, телефонски се слушнале и разговарале околу 20 минути.

Денешниот нуклеарен тест на Северна Кореја е најмоќен што досега таа држава го спровела. Државните медиуми на Северна Кореја тврдат дека станува збор за хидрогенска бомба.

Метеоролошката агенција на Јужна Кореја соопшти дека е регистриран земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала, кој најверојатно настанал како последица на детонацијата.