Учениците што користат стипендии можат истите да ги продолжат до крајот на месецов

Фото: Taylor Wilcox on Unsplash

Сите корисници на правото на ученичка стипендија остварено во некоја од изминатите учебни години кои ги исполнуваат договорните услови за продолжување на истите, можат да ги достават документите до Министерството за образование и наука (МОН) најдоцна до 30 септември, известија од МОН.

Потребните документи кои корисникот на стипендија треба да ги достави се Потврда за редовен ученик за учебната 2022/2023 година и копија од последното свидетелство.

Документите се доставуваат електронски со прикачување на соодветната документација на порталот „е-услуги“ на МОН, а доколку некој од учениците не е во можност тоа да го направи  електронски, документите може да ги достави и директно до Министерството за образование, на следнава адреса: бул. „Св. Кирил и Методиј“ бр.54, 1000 Скопје (11-ти кат, канцеларија 1104).

Инаку, минатата учебна година ученичките стипендии беа покачени и сега изнесуваат 3.500 денари. Оваа новина важеше само за учениците што аплицираа на последниот конкурс од минатата година, но како што Мета.мк веќе пишуваше, се очекува МОН да ги покачи стипендиите и за оние ученици кои ова право го оствариле во некоја од претходните години.

МОН прифатило изедначување на стипендиите за сите ученици и студенти, се чека одобрување од Влада