Три детски игралишта во Охрид добија нов лик, но ситуацијата на периферија е поинаква

Со соодветно уредување на просторот и поставување на нови реквизити за забава на најмладите, во тек е реконструкција на детското игралиште во близина на мостот на каналот „Студенчишта“. Додека пак, во текот на претходниот период беше извршена реконструкција и на детските игралишта на улица „Јане Сандански“ и во населбата „Христо Узунов“. Работните активности за реконструкција на игралиштата ги изведуваа екипите на ЈП „Градски Пазар“ со поддршка на Општина Охрид.

Според планираното и во текот на наредниот период ќе се врши реконструкција и санација на детските игралишта на повеќе локации во општината. Ситуацујата со детското игралиште во населбата “Гоце Делчев” е буквално срамна. Иако јавните претпријатија во неколку наврати со години наназад ги санираат штетите и ги менуваат реквизитите, сепак игралиштето и паркот денес повеќе личат на куп руини и мини депонија, отколку на место за одмор и релаксација. Украдени клупи, откорнати и украдени бехатон плочки од патеките, украдени капаци од канделабрите за уличното осверлување кабли за електрична енергија по земјата и оштетени реквизити е она на што може сега да се наиде.

Апелите до СВР Охрид од страна на локалното населние од оваа населба не помогнаа, со цел да се спречи вандализмот.