Трговците да ги намалат цените и да не ги злоупотребуваат поплавите, одлучи Владата

На предлог на министерот за економија, Владата на последната седница донела одлука највисоките цени на одделни производи, односно на флаширана вода, свеќи за домаќинство, заштитни ракавици, гумени чизми, лопати, заштитини маски и средства за дезинфекција, да се вратат на нивото кои се применувало до 5 август 2016 година.

Причина за донесување на оваа одлука, велат од Министерството за економија, биле случаите на злоупотреба на дел од трговците, констатирани при проверка од страна на Државниот пазарен инспекторат, по поплавите кои го погодија скопскиот и тетовскиот регион, а граѓаните од овие подрачја имаат зголемена потреба од овие производи.

„Имено, користејќи ја зголемената побарувачка на овие производи, некои трговци ги зголемија цените на флаширана вода, свеќи за домаќинство, заштитни ракавици, гумени чизми, лопати, заштитини маски и средства за дезинфекција, па целта на оваа Одлука е да се вратат цените на овие производи на нивото кое важело до 5 август 2016 година (пред поплавата), кога побарувачката за овие производи била нормална, т.е. немало побарување на значителни количини за овие производи. Имајќи во превид дека цените на производите трговците ги утврдуваат самостојно и како резултат на ова цените на овие производи се различни кај секој одделен трговец, со враќањето на цените на нивото од 5 август 2016 година не се нарушува правото на трговците за самостојно формирање на цени, бидејќи истите тогаш биле формирани самостојно“, стои во соопштението од Министерството за економија.

Оваа одлука влегува во сила со денот на објавувањето во „Службен весник“, а ќе се применува до 31 август 2016 година.