Токио не се откажува од одржувањето на Олимписките игри во јули

Олимписки игри
фото: Bryan Turner на Unsplash

И покрај притисокот од јавноста и предупредувањата за можните ризици поради пандемијата, првата жена на организаторскиот комитет на Олимписките игри во Токио, Сеико Хашимото, вели дека игрите ќе се одржат според планираното.

„Не можеме повторно да одложуваме“, изјавила Хашимото, а пренесе „Гардијан“.

Шигеру Оми, високиот медицински претставник кој ја советува јапонската влада при справувањето со пандемијата на ковид-19 уште од почетокот, пак, ја искажа својата загриженост за потенцијалните ризици од одржувањето на Олимписките игри. Тој вели дека нивното одржување „не е нормално во ваква ситуација“, додавајќи дека организаторите треба да ѝ објаснат на јавноста зошто брзаат со подготовките за церемонијата.

Според јавните анкети, поголемиот дел од Јапонците не сакаат Олимписките игри да се одржат ова лето, а медиумите и здравствените здруженија реагираат дека влегувањето во државата на над 90.000 атлетичари, новинари, спонзори и други членови од целиот свет ќе изврши дополнителен притисок врз здравствените услуги во земјата.

Токио, заедно со уште неколку други региони, сѐ уште е под вонредна состојба која треба да заврши на 20 јуни. Иако стапката на инфекции во јапонскиот главен град опаѓа, сепак постои загриженост за ризиците што ги носат новите мутации и бавниот процес на вакцинација во Јапонија. Само 2,7 отсто од населението во Јапонија досега е целосно вакцинирано.

Во меѓувреме, околу 10.000 волонтери се повлекле од помагањето на организацијата на претстојните игри во Токио, со што се појави загриженост дека Јапонија можеби не е подготвена да биде домаќин на Олимписките игри. Организаторите тврдат дека овие повлекувања нема да влијаат врз операциите за време на одржувањето на игрите.

Олимписките игри требаше да се одржат во Токио минатата година, но настанот беше одложен поради пандемијата. Според сегашните планови, Олимпијадата треба да започне на 23 јули. На гледачите од странство ќе им биде забрането да патуваат во Јапонија за да ги следат игрите во живо, а во следните недели ќе биде донесена и одлука за тоа дали на јапонските фанови ќе им биде дозволено да присуствуваат на одржувањето на Олимписките игри.