ТикТок се соочува со тужби во ЕУ и Велика Британија поради начинот на кој ги користи податоците за децата

ТикТок
фото: комбинација на фотографии од Pixabay

Платформата за кратки видеа ТикТок се соочува со правни предизвици од страна на Ен Лонгфилд, поранешната комесарка за деца во Англија, околу тоа како социјалната мрежа ги собира и ги користи податоците за децата, соопшти „Би-би-си“.

Во правниот поднесок против ТикТок се тврди дека апликацијата собирала лични податоци за децата, како телефонски броеви, видеа, точна локација и биометриски податоци, без доволно предупредување, транспарентност или потребна согласност според законот, без децата или родителите да знаат што понатаму се прави и како се користат тие податоци.

Обвинувањето е поднесено во име на милиони деца од Велика Британија и Европската Унија, кои од мај 2018 година ја користеле платформата за споделување на видеа. Доколку тужбата е успешна, компанијата позади ТикТок на оштетените деца ќе треба да им исплати илјадници фунти отштета.

Од ТикТок случајот го опишале како неоснован и рекле дека ќе се борат против него.

„Приватноста и безбедноста се врвни приоритети за ТикТок и имаме воспоставено стабилни политики, процеси и технологии за да помогнеме во заштитата на сите корисници, особено корисниците – тинејџери. Веруваме дека на тврдењата им недостасува основа“, велат од ТикТок.

Доколку сакаат, родителите на децата во чие име е поднесено обвинението можат да се повлечат од обвинението. Комесарката Лонгфилд рекла дека се фокусира на ТикТок затоа што, додека сите социјални мрежи собирале информации, ТикТок имал „прекумерна политика за собирањето податоци“.

„ТикТок е популарна социјална мрежа што им помогна на децата да одржуваат контакт со своите пријатели за време на неверојатно тешката година. Сепак, позади забавните песни, танцувачките предизвици и трендовите со усна синхронизација стои нешто многу позлобно“, тврди Лонгфилд.

Правните застапници на случајот велат дека собирањето на податоците од страна на ТикТок претставува „сериозно кршење на законот за заштита на податоците во Велика Британија и ЕУ“.

„Приходите од рекламирање на ТикТок и БајтДенс се базираат на личните податоци за корисниците, вклучувајќи ги и децата. Да се профитира од овие информации без да се исполнат законските обврски и моралната должност да се заштитат децата онлајн, е неприфатливо“, велат од адвокатската канцеларија која го застапува случајот.

Според одредени истражувања, 44 отсто од децата на возраст од 8 до 12 години во Велика Британија користеле ТикТок, и покрај забраната за пристап на лица помали од 13 години.

Во 2019, матичната компанија на ТикТок заработи казна од 5,7 милиони долари од страна на Федералната комисија за трговија на САД, поради погрешно управување со податоците на децата. Поради начинот на кој собира податоци за децата, компанијата доби казна и во Јужна Кореја.