ТикТок ќе им нуди поддршка на корисниците кои пребаруваат содржини поврзани со самоубиство

ТикТок
фото: Alexander Shatov на Unsplash

ТикТок соопшти дека воведува неколку функции со кои има за цел да им помогне на корисниците кои се соочуваат со проблеми со менталното здравје и со самоубиствени мисли.

Новите функции кои ќе бидат воведени глобално во наредните месеци, вклучуваат „водичи за благосостојба“ и поддршка за луѓе кои се борат со нарушување во исхраната.

Истовремено, кога некој од корисниците ќе пребарува зборови како „самоубиство“, апликација ќе го насочува корисникот кон локални ресурси за поддршкa, од типот на кризна контакт-линија, каде што ќе може да се најде поддршка и информации за опциите за надминување на предизвиците.

На корисниците кои пребаруваат термини поврзани со „самоубиство“ ќе им бидат прикажувани и содржини од ТикТок креатори, каде креаторите ги споделуваат своите лични искуства со менталната благосостојба и нудат совети за тоа како да се разговара со саканите за овие прашања.

„Горди сме што нашата платформа стана место каде луѓето можат да ги споделат своите лични искуства со менталната благосостојба, да најдат заедница и да се поддржуваат едни со други, и ние мошне сериозно ја сфаќаме одговорноста да го чуваме ТикТок како безбедно место за вакви важни разговори“, велат од ТикТок во најавата за новите функции.

Платформите за социјални медиуми се под интензивни прегледи околу нивното влијание врз менталното здравје на корисниците, особено на тинејџерите.

Објавата на ТикТок доаѓа еден ден откако „Волстрит Журнал“ објави дека Фејсбук преку свое истражување открил дека во одредени ситуации платформата Инстаграм може да биде штетна за менталното здравје на корисниците-тинејџери. Инстаграм го потврди постоењето на истражувањето кое било спроведувано две години.