Студентите на Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе може да се запишуваат преку мобилен телефон

Универзитетот „Гоце Делчев“ (УГД) од Штип ќе запишува нова генерација на студенти преку новата електронска платформа која денеска беше претставена на јавноста.

Средношколците кои сакаат да се запишат на некој од факултетите преку платформата ќе може да ги внесат своите лични податоци, по што ќе одговараат на прашањата кои се однесуваат на државната матура.

Целата процедура со плаќањето исто така е електронска. Сепак, за уписите, новите студенти ќе треба да се појават лично да матичните факултети.

Од оваа година новина на Универзитетот е секторот вајарство на Ликовната академија, а се зајакнуваат и дисперзираните студии.

Првиот уписен рок започнува на 15 август, а овој Универзитет нуди 5.000 слободни места. УГД очекува и околу 150 нови студенти од странство, главно од Турција.