Студентите да ги подигнат наменските картички за субвенциониран оброк, повика Шаќири

Сите апликанти кои го оствариле ова право и за тоа добиле потврда од МОН, треба електронски да ги ажурираат своите податоци на платформата на Шпаркасе банка и потоа да појдат во филијалата која ќе им биде посочена, да потпишат договор и да си ја подигнат картичката

фото: Министерство за образование и наука (МОН)

Без подигнување на наменска студентска „Visa“ картичка, студентите нема да можат да ги користат средствата по основ на субвенциониран оброк. Сите апликанти кои го оствариле ова право и за тоа добиле потврда од Министерството за образование и наука (МОН) треба електронски да ги ажурираат своите податоци на платформата на Шпаркасе банка и потоа да појдат во филијалата која ќе им биде посочена, да потпишат договор и да си ја подигнат картичката. Процесот е едноставен.

Oва денеска го истакна министерот за образование и наука Јетон Шаќири кој заедно со раководството на Шпаркасе банка посетија една од филијалите на банката со цел да видат како се одвива потпишувањето договори и подигнувањето на наменските картички за остварување на правото на субвенциониран студентски оброк.

„Задоволен сум од текот на активностите и гледам дека целиот процес се одвива едноставно, но според информациите со кои располагаме и натаму одреден број студенти сè уште не ги подигнале своите наменски картички. Затоа во оваа прилика уште еднаш ги повикувам да го сторат тоа за да можат да ги користат средствата кои за нив по овој основ ги обезбедува државата, а од оваа академска година се зголемени и изнесуваат 140 денари на дневна основа“, рече министерот Шаќири.

Од Шпаркасе банка потсетија дека ажурирањето на податоците студентите го прават на нивната онлајн платформа која е достапна на овој линк. Потоа, студентите ќе добијат информација преку СМС за точното време и место за потпишување на договорот за отворање на посебна сметка и за подигнување на наменска студентска „Visa“ картичка за субвенциониран оброк.

Аплицирањето за субвенциониран студентски оброк за кандидатите кои ќе се стекнат со статус на студенти во академската 2023/2024 година и кои не го запишале летниот семестар, ќе трае од 27 септември до 2 октомври 2023 година. Секој апликант кој има потреба од непосредна поддршка при аплицирањето може да се обрати на следниот контакт: [email protected] или во наменската канцеларија на приземјето во зградата на Министерството.