Душко Арсовски Муамет Хоџа фото : Влада на РСМ
Душко Арсовски, Муамет Хоџа | Фото: Влада на РСМ

Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2021 година се обезбедува создавање и поддршка за креирање на нови работни места, зголемување на вработеноста кај невработените лица, особено на младите, долгорочно невработените и корисниците на право на парична помош од социјална заштита, како и поддршка на невработените на кои им престанал работниот однос во периодот на ковид кризата, односно од 11 март 2020 година. За реализирање на Оперативниот план се обезбедени 1,5 милијарди денари (25 милиони евра) и со него ќе бидат опфатени 10.279 лица.

Овој Оперативен план го прифати Владата на вчерашната седница, а како што посочија на денешната прес-конференција владините портпароли, Душко Арсовски и Муамет Хоџа, тој, меѓу останатото, базира на принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории.

„Спроведувањето на овој Оперативен план за активни програми и мерки за вработување почива на неколку принципи, принципот на диверзитет и инклузивност за сите општествени категории во приватниот сектор, адекватна застапеност на етничка, полова, религиозна, расна или која било друга ранлива категорија граѓани, во согласност со стандардите и практиките на ОН и на Меѓународната организација на трудот. Ништо надвор од тоа. Втор принцип е справување со негативните ефекти и последици врз пазарот на трудот и вработеноста предизвикани од пандемијата и третиот е поттикнување рамномерен регионален развој. Оперативниот план за 2021 содржи мерки за лицата кои се долго време надвор од пазарот на трудот, а се предвидува поддршка и за работодавачи, само доколку тоа значи обезбедување нови вработувања и раст“, истакна Арсовски.