Спасовски: Македонија има потреба од слободни и неокупирани синдикати

Македонија има потреба од вистински, слободни и неокупирани синдикати и тоа е задача и цел Владата да придонесе да имаме слободни синдикати со кои ќе можеме да разговараме за заштита за работничките права, рече генералниот секретар на СДСМ, Оливер Спасовски, на средбата која ја побарале неколку синдикати.

– Денеска е значаен ден заради тоа што на повик на неколку синдикати сме тука за да поразговараме околу идните ставови на новата Влада предводена од Социјалдемократскиот сојуз и во тој дух ние се залагаме да го вратиме дијалогот помеѓу работниците, работодавачите и Владата на Република Македонија, нешто што беше уништено во последниот период. Нам, како СДСМ ни стои во програмата да направиме се за да ги заштитиме работничките права, а тоа може да се оствари само преку отворен дијалог помеѓу работодавачите, работниците и Владата и тоа е нешто што мора веднаш да го започнеме и да разговараме за сите оние отворени прашања кои пред се ќе значат зголемување на минималната и просечна плата во Македонија и заштита на работниците, нешто што мора да стане пракса во Македонија и само преку таков еден дијалог да ги носиме сите решенија – рече Спасовски.

Одговарајќи на новинарско прашање, генералниот секретар на СДСМ, рече дека ќе се разговара и за можноста покрај вицепремиерот предложен од стопанските комори, новата влада да има и вицепремиер предложен од синдикатите, но појасни дека сепак конечната одлука ќе биде на мандатарот.