Сојузот на средношколци го прифати компромисот понуден од МОН

Три од четирите барања на Сојузот беа прифатливи за Министерството за образование

фото: Сојуз на средношколци

На својата вонредна седница одржана вчеравечер, Генералното собрание на Сојузот на средношколци го прифати компромисот понуден од страна на Министерството за образование и наука (МОН) околу државната матура, соопштија денеска од Сојузот, информирајќи дека успешно е постигнат договор за ова прашање.

Според договореното, државната матура ќе биде приспособена на состојбата во образованието и ќе биде олеснета за оваа генерација матуранти која беше најмногу погодена од прекините на наставниот процес. Три од четирите барања на Сојузот беа прифатливи за МОН.

Ќе бидат обезбедени банки со прашања за интерните испити и овие испити ќе носат повеќе поени при уписот на факултет. Понатаму, ќе се намали бројот на прашања и бодови на првиот екстерен испит, а тој ќе се смета за соодветен на сите студиски програми, што значи дополнителни 2 поени при уписот, појаснува Сојузот на средношколци.

„Сегашниот сооднос екстерните испити да носат најмногу 24 поени, а интерните најмногу 12 поени ќе се смени во сооднос екстерните да носат најмногу 20 поени, односно интерните најмногу 16 поени. Министерството за образование и наука преку Владата ќе им издаде препорака на универзитетите да извршат ваква промена во конкурсите“, велат средношколците.

Банките со прашања за интерните испити ќе бидат споделени најдоцна 4 недели пред испитот. Овие банки ќе содржат број на прашања три пати поголем од бројот на прашања на испитот, што според Сојузот е значајно олеснување за матурантите бидејќи ќе имаат доволно време соодветно да се подготват за интерните испити.

Наместо одложување на датумот на првиот екстерен испит, Генералното собрание на Сојузот ја прифатило понудата на МОН да се намали обемноста на испитот. Истиот ќе носи од 60 до 80 бодови, наместо досегашните 80 до 100, што значи дека ќе има намалување на бројот на прашања.

Средношколците и МОН постигнаа компромис околу државната матура