Средношколците и МОН постигнаа компромис околу државната матура

Павиќевиќ кажа дека не е прифатено само барањето за поместување на датумот за полагање на првиот екстерен испит

фото: Мета.мк

Три од четирите барања на Сојузот на средношколци се прифатливи за Министерството за образование и наука (МОН), соопшти денес претседателот на Сојузот, Лука Павиќевиќ, по средбата што попладнево ја имаа со министерот Јетон Шаќири.

Павиќевиќ кажа дека не е прифатено единствено барањето за поместување на датумот за полагање на првиот екстерен испит од 27 мај за 3 јуни, а од МОН на средношколците им понудиле компромисно решение за олеснување во бодувањето.

„Поради веќе утврдениот календар за одржување на учебната година, од логистички причини и поради претходен план, не беше прифатено нашето барање екстерниот испит да се помести од 27 мај на 3 јуни. Дополнителна компликација прави и православниот празник Духовден и продолжениот викенд. Но, МОН како компромисно решение ни понуди намалување на обемноста на материјалот, што значи интервенција во бројот на поени – ако носи 100 да биде 80, интервенција во перцентилните рангови за оценка и по однос на други модалитети во однос на првиот екстерен испит“, рече Павиќевиќ.

Лидерот на Сојузот на средношколци рече дека ова компромисно решение ќе го презентираат денеска на вонредна седница на Генералното собрание на Сојузот и делегатите ќе се произнесат дали го прифаќаат предлогот на МОН.

За МОН е прифатливо и барањето Владата да им препорача на универзитетите промена на соодносот на поени од испитите при упис на факултет, односно наместо сегашните 24, екстерните да носат 20 поени, а интерните да носат 16 наместо 12 поени и проектната задача 4 поени.

„Второто барање, Владата да даде препорака до универзитетите првиот екстерен предмет – мајчин јазик (македонски, албански и турски јазик) и литература да биде соодветен на сите универзитети, е исто така прифатено. Освен што е дополнително олеснување на матурантите, претставува и државнички чин зашто се покажува грижа за мајчиниот јазик“, рече Павиќевиќ.

Од МОН е прифатено и барањето наставниците да ги споделат материјалите за интерните испити и банките со прашања најдоцна четири недели пред денот на испитот и бројот на прашања во банките да биде три пати поголем од бројот на прашања на испитот.

Од МОН појаснија дека поради веќе донесениот Календар за оваа учебна година, не е можно одложување на датумот на првиот екстерен испит, но министерот Јетон Шаќири како особено важно барање од страна на Сојузот на средношколци го истакна барањето за споделување на материјалите за интерните испити и банките со прашања.

“Имајќи предвид на кој начин оваа генерација на матуранти ја следеше наставата, ние како министерство сме согласни со голем дел од барањата на Сојузот, со цел олеснување на процесот на полагање, и токму во таа насока и ќе воведеме олеснување при полагањето на тестот по мајчин јазик да се намали по обемност, односно да носи од 60 до 80 поени, а не како до сега од 80 до 100 поени. Ова подразбира и дека во содржината на тестот ќе има намалување на бројот на прашања поврзани со способноста литература, што како предлог од Сојузот на средношколци беше прифатено“, рече министерот за образование и наука, Јетон Шаќири.

Состанок со министерот, директорката на Државниот испитен центар Благица Павловска и државната секретарка во МОН Анета Трпевска, денес одржа и Организацијата за дијалог и афирмација на средношколците (ОДАС). Тие по средбата соопштија дека добиле известување оти ќе биде намален обемот на тестовите по мајчин јазик и дека банките со прашања за интерните предмети на матурантите ќе им бидат достапни најмалку четири седмици пред полагањето на конкретниот испит, што средношколците од ОДАС го побараа на собирот што пред десетина дена се одржа пред МОН.