Фото: Народна банка

Народната банка и Економскиот факултет – Скопје при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје ја засилуваат соработката со заеднички вложувања во истражувањата и во натамошен квалитетен кадар во економската сфера, подготвен за предизвиците на новото ковид и пост-ковид време, информираат од Народна банка.

Соработката ќе се остварува и при конципирањето нови студиски програми, со активна вклученост на Народната банка во однос на знаењата и вештините во делот на монетарната и макроекономската политика и банкарскиот систем.

За оваа цел ќе се организираат и тркалезни маси, советувања и други форми на дискусија на експертско ниво. Вработените во Народната банка ќе изведуваат настава во својство на гости предавачи на Економскиот факултет.

„Актуелната глобална криза уште еднаш укажа на неопходноста од продлабочување на соработката меѓу носителите на политиките, научните и високообразовните институции. Пост-ковид периодот ќе отвори многу прашања и предизвици за сите чинители на економската стварност и подготвеноста и решеноста за ваквата соработка меѓу носителите на политиките и научните и високообразовните установи ќе биде предуслов за да се одговори на нив,“ истакна гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска, по потпишување на Меморандумот.

Деканот на Економскиот факултет – Скопје при УКИМ, Предраг Трпески истакна дека потпишување на овој Меморандум за соработка, што е своевиден доказ дека и двете институции имаме иста цел.

„Како реномирана високообразовна институција – „расадник на знаење“ сме особено почестени што ќе имаме можност да придонесеме во работата на Народната банка, овозможувајќи слободен пристап на нејзините вработени до нашите капацитети ‒ библиотеки, ЕУ инфо-центарот и до базите на списанија, истовремено нудејќи им можност за посета на обуки, работилници, семинари организирани според нивните потреби во специјализирани области. Убеден сум дека како до сега, така и во иднина нашата соработка ќе покаже и ќе докаже дека само со заедништвото и преку споделување и размена на искуства е можно да се оди напред, во нови предизвици и успешни проекти,“ изјави Трпески.