Новиот градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, во интервју за „Телевизија 24“ откри дека потпишал налог за дислоцирање на галиите што се наоѓаат во реката Вардар во центарот на Скопје.
– Планот е бродовите да се дислоцираат. Тие се небезбедни затоа што претставуваат определен вид брана во услови кога коритото на Вардар е проектирано за проточни води во наредните 100 години. Доколку дојдат поголеми води, може да дојде до излевање на реката во Скопје – изјави Шилегов.
Според него, најспорно е тоа што овие објекти претставуваат урбанистичка опрема според документацијата издадена од Градот, иако се градби на неколку ката.
Во врска со загадувањето, Шилегов рече дека и во изборната кампања истакнал дека не може да се очекуваат спектакуларни резултати уште во првата сезона.
– Да можеше да се реши, верувајте, ќе го направевме тоа. Проблемот со згадувањето во Скопје е тоа што во изминатиот период немавме системска и систематска борба против него. Загадувањето не може да се реши ако решавате само сегменти, морате да влезете фронтално во трите најголеми причинители, а тоа се возилата, загревањето на домовите и инспекцискиот надзор за градежништвото и комуналниот надзор за палењето. Во првата сезона може да има мерки што нема да го решат загадувањето, но може да го ублажат – додаде Шилегов.