Серија деманти и најави за тужби од НВО и од граѓански организации за клеветите на СОС

Реакциите, демантите и најавите за тужби од голем број граѓански здруженија и асоцијации против тврдењата и клеветите на „Стоп операција Сорос“ (СОС) изнесени во саботата, продолжуваат. По реакциите од вчера, денеска со барања за извинување и со деманти се јавија и здружението „Регионален центар за одржлив развој“ од Кратово, Организација на жени од Струмица, Здружението „Факултет за работи што не се учат“ и Центар за современи уметности – Скопје. Обвинуваат дека без основа и спротивно на вистината се оцрнува нивната работа, која е транспарентна и може да се провери.

Од Регионален центар за одржлив развој – Кратово велат дека од формирањето во 2003 година со средства од програмата на Европската агенција за реконструкција, досега реализирале поголем број проекти самостојно и во партнерство со други организации од Македонија и od Европа. За сите активности подетални информации можат да се најдат на www.regionalencentar.org.mk, велат од организацијата и бараат извинување од СОС, најавувајќи дека ако тоа не се случи, ќе поднесат тужби за навреда и за клевета.

Слична реакција стаса и од Здружението „Факултет за работи што не се учат“ (ФРУ). Тие велат дека тврдењата на Цветин Чилиманов на прес-конференцијата во саботата, се „злонамерни клевети, неточни, непрофесионални, нечесни и малициозни лаги, наменети за наштетување на угледот на ФРУ и на соработниците“.

Здружението побара јавно извинување во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Од Здружението на жени од Струмица исто така порачуваат дека груби клевети и навреди се тврдењата дека на нивната сметка легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ.

„Организација на жени на општина Струмица не е ниту „дел од партијата СДСМ“ ниту, пак, „партиски клуб на партијата“, како што наведуваат од движењето СОС. Организација на жени на општина Струмица не е наменски основана за нечии цели. Ние сме граѓанска организација основана во 1991 година, со една и единствена цел –  да ги промовира, застапува и да ги штити правата и интересите на граѓаните“, се вели во реакцијата.
Организацијата побара извинување од Цветин Чилиманов и од Никола Србов во рок од седум дена, а во спротивно ќе поднесе тужби за навреда и за клевета.

Со остра реакција се огласи и Центарот за современи уметности – Скопје, негирајќи дека е „дел од организации на чии сметки легнувале милионски суми кои биле користени за партиски активности и за цели на СДСМ“. Велат дека парите што тие ги добиваат од донатори никогаш не биле и нема да бидат користени за целите на која било партија.