fbpx

Деманти и најави за тужби од невладини и од граѓански организации за клеветите на СОС

-

Невладини и граѓански организации денеска испратија деманти и побараа извинување од Цветин Чилиманов и од Никола Србов, кои на прес-конференција на движењето „Стоп операција Сорос“ (СОС) ги обвинија дека „работеле против државните и демократските интереси на Македонија, преку обиди за влијаење на предвремените парламентарни избори“.

Организациите наведуваат дека информациите што Чилиманов и Србов ги изнеле се клевети насочени кон сите организации кои биле критични кон работата на институциите во Македонија.

Здружението на млади европски федералисти ја демантира изјавата на СОС дека е наменски креирана организација за да предизвикува тензии во Македонија.

„Нашето здружение е формирано уште пред Република Македонија да ја прогласи својата независност од СФРЈ, поточно во пролетта 1991 година. Нејзини основачи, меѓу другите, биле Димитар Мирчев, Нано Ружин (прв претседател) и претседателот Ѓорѓе Иванов. Здружението на млади европски федералисти постои речиси 26 години и низ годините (со одредени прекини) ги промовирала европските вредности и идејата Македонија да се интегрира во ЕУ. Согласно статутот на здружението, тоа е младинска, но и политичка организација чија цел е политичко активирање на младите во процес на интегрирање на Македонија кон Европа, како и поттикнување промени за формирање на правично, слободно, инклузивно, партиципативно, транспарентно и демократско општество. Оттука, активното учество на здружението во општествено-политичките збиднувања во Република Македонија само оди во прилог на она што значи активно и одговорно граѓанско општество во една демократија, кое будно ја следи работата на власта и претставува нејзина рамнотежа“, стои во демантот на Здружението на млади европски федералисти, кое најавува и тужба доколку во рок од седум дена не добие јавно извинување.

Со реакција се јави и гевгелиското еколошко здружение „Патокази“, кое своевремено алармираше за присуството на арсен во водата за пиење во Гевгелија.

„Основната цел на нашето формирање е обезбедувањето на основното човеково право за чиста вода и генерално обезбедувањето на граѓанските и демократски права во локалната заедница. Инсинуациите на Србов дека ЗГ „Патокази“ настанала во периодот од 2012 година, кога се наѕира периодот на политичката криза во Македонија, се неточни. Неточно е и неговото искажување дека сме биле организатори на студентските протести“, стои во демантот и се додава дека движењето СОС ги брани „интересите на неодговорните политичари од центрите на власт, трујачите на гевгеличани со отровната вода со арсен“.

И кавадаречката невладина организација „Проект ЕУ“ реагираа на прес-конференцијата на СОС, на која Чилиманов изјави дека „Проект ЕУ“ само наводно е невладнина организација, а де факто партиски штаб на СДСМ и се обидувала да издејствува децата да не учат математика.

„Исто така, гнасна и монструозна лага е дека пред изборите нашето здружение примило три милиони денари за да генерира криза во општеството, како и тоа дека „Проект ЕУ“ издејствувало децата да не учат математика, што е ординарна лага. Здружението на граѓани „Проект ЕУ“ од Кавадарци е прилично свесно во каква пропагандна игра е ставено. Нема да дозволиме, мала невладина организација, која работи во град Кавадарци, легално и јавно, да биде параван за поткусурување од некакви матни типови, здруженија кои се претставуваат како СОС (Стоп Сорос)“, стои во реакцијата и се наведува дека тоа што СОС го прави е „гнасна пропаганда“.

Ресенското здружението за локален развој „Акција плус Ресен“ ги отфрли и го оквалификува како неточни и лажни тврдењата на СОС.

„Здружението за локален развој „Акција плус Ресен“ демантира дека служело како партиски штаб на СДСМ Ресен и дека работата на здружението претставува ’грубо кршење на принципите на работа на невладиниот сектор и негово целосно партизирање под капата на СДСМ’. Во досегашната работа на организацијата, средствата од буџетот на „Акција плус Ресен“ никогаш не биле искористени за финансирање политички кампањи. Напротив, целта на „Акција плус Ресен“ од почетокот на формирањето е слободно да ги здружува граѓаните без оглед на нивната верска, етничка или партиска припадност за остварување на нивните права и интереси и за унапредување и развој на граѓанското општество“, стои во демантот на здружението, кое, исто така, најави тужба за навреда и клевета доколку не добие јавно извинување.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ОБСЕ/ОДИХР: Одредени портали се создадени само за да добиваат државни пари за изборите

Изборите во Македонија беа добро организирани, но имаше остра реторика, а недостига и регулација во сферата на онлајн порталите. Ова е генерално оценката на набљудувачите на ОБСЕ/ОДИХР и на...