СДСМ бара да престане злоупотребата на ученици во партиски цели

Повикуваме веднаш да престане злоупотребата на ученици за партиски цели и, уште посериозно, за протести на кои се поттикнува и се шири етничка и национална омраза, вели Петар Атанасов, претседател на комисијата за образование на СДСМ.

Од СДСМ велат дека тоа што го прават директорите на училишта, под директива на ВМРО-ДПМНЕ, е кривично дело и за тоа лично се одговара.

– Укажуваме на директорите на училиштата дека е неопходно да најдат сили, да се спротивстават на ваквото разулавено однесување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа не избира ни луѓе, ни средства да ја продлабочи политичката криза, затоа што Груевски и соработниците се само заинтересирани како да се заштитат од одговорност за направениот криминал. Но, директорите на училиштата мора да се свесни дека одговорност носат и тие што се соучесници во противзаконските сценарија на политичарите во заминување. Вчера директорот на прилепската гимназија, цела јавност го виде како наложува ученици да бојкотираат настава за да одат на партиски протести – вели Атанасов.

Насочувањето деца, малолетници, тинејџери, кон поделби, омраза, дискриминација, остава трајни последици кај нив, додава Атанасов, според кој, секој има и индивидуална одговорност да не го дозволи тоа.