Само една општина има отворено младински центар, градоначалниците да ја исполнат оваа обврска

НМСМ АСМ СМР
Фото: Национален младински совет на Македонија (НМСМ)

Во организација на Сојузот за младинска работа (СМР) и Националниот младински совет на Македонија (НМСМ), а во соработка со Агенцијата за млади и спорт (АМС), денеска се одржа прес конференција за моменталната состојба со отворањето на младински центри во согласност со Законот за младинско учество и младински политики.

Настанот се одржа во „МладиХаб“, по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, на тема правото на младите луѓе на безбедни простори за млади, во кои ќе можат да ги развиваат своите компетенции и да се градат како активни граѓани.

На конференцијата беше презентирана моменталната состојба со отворањето на младински центри, беа објаснети обврските за општините што произлегуваат од Законот и беа споделени информации за општините кои успешно ги имаат исполнето законските обврски.

„Едно од основните права на младите е да имаат безбедни простори во кои ќе можат да ги развиваат своите компетенции и да се градат како активни граѓани. Веруваме дека безбедните простори за младите ќе помогнат во деконструирање на бариерите на осуда, говор на омраза, булинг и насилство, а ќе придонесат за личен и професионален развој на младите, како и градење на подобро општество за сите“, истакна Марија Крстевска, претседателка на Националниот младински совет на Македонија.

Генералниот секретар на Сојузот за младинска работа, Драган Атанасов, ја објасни постапката за отворање на младински центри во согласност со Законот и Правилникот за стандарди за квалитет на младинските центри. Атанасов потсети дека согласно законот, секоја општина во рок од 5 години треба да обезбеди услови за функционирање на најмалку еден младински центар на нивната територија.

Законот за младинско учество и младински политики беше донесен на почетокот на 2020 година, па општините имаат уште три години рок за да отворат барем еден младински центар, како што е предвидено во законот. Досега овие обврски ги исполнила само една општина – Кавадарци.

„Според Правилникот, тоа вклучува обезбедување на соодветен простор, покривање на режиски трошоци и обезбедување на финансиски средства за спроведување на годишна програма за младинска работа. Во согласност со досегашното искуство, минимум потребни средства за спроведување на годишна програма што општината треба да ги обезбеди се 600.000 денари. До овој момент, само општина Кавадарци ги има успешно спроведено сите чекори од постапката, додека општините Куманово, Велес и Пробиштип имаат наменето простор за младински центар, но сè уште немаат распишано јавен повик за организација што ќе управува со него“, истакна Атанасов и ги повика сите општини и градоначалници да испланираат средства во буџетот за 2022 година и да ја започнат постапката што побрзо.

Стефан Степаноски од Агенција за млади и спорт наведе дека агенцијата го поддржува процесот преку обезбедување техничка опрема и мебел за центрите. Во 2021 година била обезбедена поддршка за првите четири центри, а за 2022 година планирана е поддршка на уште 20 младински центри во општините кои први ќе ги исполнат законските обврски.

На настанот преку видео врска се обрати и Ѓорѓи Лазов, Младински работник од младинскиот центар во Кавадарци, кој се обрати во име на двете организации коишто заеднички го водат центарот – Здружение на млади „Креактив“ и Совет за превентива против малолетничка деликвенција.

Лазов зборуваше за центарот како простор во кој младите доаѓаат во своето слободно време и секојдневно имаат можност да бидат дел од различни активности како драмски клуб, друштвени игри, едукативни активности, часови по турски јазик и волонтерски акции во заедницата.

Претставникот на Општина Кавадарци, Сашо Мошев, изјави дека општината успешно ги завршила сите чекори од процесот и дека се обезбедени неопходните средства и центарот функционира во согласност со поднесената програма. Тој апелираше во иднина Агенцијата за млади и спорт да обезбеди правна поддршка за општините при подготовката на одлуките што треба да бидат донесени од општинските совети.