fbpx

Само 6,5 отсто од барањата за изводи во 2022 година граѓаните ги пополниле во електронска форма [инфографик]

Колку граѓаните на Македонија ги користат електронските услуги за најсуштинските документи од секојдневниот живот покажува истражувањето на Порталб.мк, во соработка со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда - ICEDA

-

Само 6,5 отсто од барањата поднесени од граѓаните за издавање на извод од матична книга на родени, умрени или венчани се во електронска форма, додека останатите се поднесени лично, односно со физичко присуство. Од друга страна, има нагорен тренд кај бројот на граѓани кои закажуваат термин за издавање на лична карта или патна исправа преку електронскиот систем. Ова го покажуваат податоците што ги обезбеди Порталб.мк во соработка со проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA„ за одредени услуги во РСМ кои најмногу ги користеле граѓаните во текот на 2022 година

 

Северна Македонија сè уште нема база на податоци за користење на електронските услуги што ги нудат јавните институции. Во отсуство на податоци, Порталб.мк и ICEDA обезбедија податоци од повеќе институции, кои беа цел на нашето истражување од 2020 година, но, исто така и на продолжението на истражувањето во 2022 година. Овојпат споредуваме во колкава мера се користеле тогаш електронските услуги и каква е состојбата сега.

Во Северна Македонија живеат 1.525.366 граѓани на возраст над 15 години, според последниот попис од 2021 година. Од нив, 244.651 имаат свој профил на порталот за е-услуги, односно 91.159 се регистрирани корисници на порталот, а 153.492 се корисници на Системот со еднократно најавување. Според овие бројки, само 16 отсто од населението на возраст над 15 години во РСМ има пристап до националната платформа за електронски услуги.

На следниот инфографик можат да се видат бројките на корисниците на платформата низ годините, не вклучувајќи го бројот на тие што се регистрирале преку Системот за еднократно најавување.

Во декември 2019 година почна со работа Националниот портал за електронски услуги, кој им овозможува на граѓаните пристап до информации за јавните услуги од надлежните државни органи. Исто така, преку овој портал можат да се поднесат барања за добивање некои електронски услуги, да се платат надоместоци или административни такси, да се следи статусот на процедурите или да се преземат други чекори во извршувањето на некоја административна услуга, но сепак, за да се направи сето тоа, прво треба да се отвори сметка, односно да се креира „eID“ профил.

Од вкупно 1.288 институции, на порталот се нудат 234 услуги, од кои 95 можат директно да се користат. Вкупниот број на барања од 2019 година е 34.084, а во последните 30 дена се поднесени 1.466 барања.

Граѓаните ги пополнуваат формуларите на хартија

Колку граѓаните на Македонија ги користат електронските услуги за најсуштинските документи од секојдневниот живот, покажуваат катастрофалните податоци на Управата за водење на матични книги (УВМК), која води матична евиденција, односно врши упис и издавање на изводи од матичната книга на родени, венчани и умрени.

Над 490.000 е бројот на граѓани кои во текот на 2022 година пополниле формулари со физичко присуство во канцелариите на УВМК, за да добијат извод од матичната книга на родени, венчани и умрени и некои други лични документи, додека само 35.000 е бројот на оние кои аплицирале за овие документи онлајн. Според овие бројки, само 6,5 отсто од барањата поднесени од граѓаните за издавање изводи од матична книга на родени, умрени, венчани или други документи што ги издава Управата за водење на матични книги се во електронска форма, а 93,5 отсто биле поднесени со физичко присуство.

Бројот на граѓани кои во текот на 2022 година ги пополниле формуларите по електронски пат, речиси е идентичен со оној од 2021 година кога 34.764 граѓани ги пополниле формуларите за услугите на УВМК преку електронскиот систем.

Поинаква ситуација имаме во случајот со барањата на граѓаните за закажување термин за добивање лична карта или пасош, при што 43 отсто од граѓаните аплицирале преку електронскиот систем, а 57 отсто преку телефонски повик. Или, пресметано во бројки, над 289.000 граѓаните го користеле електронскиот систем, бројка која е за 116.000 поголема отколку во 2021 година.

Порталб.мк има анализирано и дел од услугите на Централниот регистар, кои граѓаните претпочитаат да ги користат со физичко присуство.

Така, во текот на 2022 година, услугата „Забрана за вршење на дејност, овластување“, само во 20,6 отсто од случаите била користена во електронска форма. Услугата „Забрана за учество на јавни повици“ во електронска форма била користена за само во 24,4 отсто од случаите, а услугата „Потврда за стечајна постапка“ само во 25,7 отсто од случаите.

Во споредба со 2021 година, бројките за користење на овие три услуги во електронска форма се речиси идентични.

Граѓаните ретко користат електронски услуги

Според анкета спроведена од 28 февруари до 3 март годинава од Институтот за политички истражувања – Скопје, 58,2 отсто од граѓаните доколку имаат потреба од одредена услуга, претпочитуваат да го направат тоа лично, на шалтер. Само 33,9 отсто велат дека би ја завршиле работата онлајн, доколку можат.

Според образовната структура, истражувањето покажува дека граѓаните со поквалитетно образование почесто се свртуваат кон користење на административните услуги онлајн. Значи, ако 62,1 отсто од испитаниците со високо образование изјавиле дека претпочитаат онлајн административни услуги, овој став го делат само 11,6 отсто од оние кои немаат завршено ниту основно образование.

Анкетата покажува дека над две третини од граѓаните никогаш не користеле онлајн услуга во некоја јавна институција, додека само 26,5 отсто изјавиле дека користеле онлајн услуги на државните институции, а дури 69,2 отсто никогаш не се обиделе да добијат документ или услуга онлајн.

Според граѓаните, реформата во јавната администрација не треба да се прави преку нови вработувања, туку преку намалување на бројот на вработени и дигитализација. Ова мислење го дадоа 53,3 отсто од испитаниците, додека 23,7 отсто се на мислење дека реформите во јавната администрација треба да бидат насочени кон нови вработувања и обуки.

Во однос на ефикасноста на институциите кои нудат административни услуги, повеќето граѓани не гледаат никаква промена во последните пет години.

Од друга страна, да потсетиме дека според едно претходно истражување на Порталб.мк, граѓаните на Северна Македонија тешко можат да добијат документи „со само едно кликнување“ на интернет. Ова се случува затоа што државата обезбедува ограничени електронски услуги, потенцијалот на националниот портал не се користи целосно, а граѓаните, иако имаат опрема, немаат доволно информации за електронските услуги.

Според истражувањето што го направи Порталб.мк, произлегува дека дури не е познато колку граѓани ги користеле овие услуги, во споредба со традиционалните услуги – со физичко присуство. Доколку РСМ би се дигитализирала како земјите од Европската Унија, чија членка има намера да стане, тогаш некои документи, кои не треба да постојат, ќе бидат повлечени од употреба, бидејќи истите ги зголемуваат трошоците на граѓаните и претставуваат губење време при аплицирање и чекање.

 

Ова истражувачка сторија е подготвена како дел од проектот „Зголемување на граѓанското учество во Дигиталната агенда – ICEDA“, кофинансиран од Европската Унија и имплементиран од Фондацијата Метаморфозис (Северна Македонија), Академијата за е-Владеење (Естонија), Движењето Мјафт! (Албанија), Партнери за демократски промени Србија (Србија), НВО 35мм (Црна Гора) и “Open Data Kosovo“ (Косово).

Ова истражувачка сторија е подготвена со финансиска поддршка на Европската Унија. Содржината на ова истражувачка сторија е единствена одговорност на Фондацијата Метаморфозис и авторот и на ниту еден начин не ги одразува ставовите на Европската Унија.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Светските лидери со осуда за нападот врз Трамп

Лидерите ширум светот го осудија обидот за атентат врз поранешниот американски претседател Доналд Трамп и изразија загриженост за него. Претседателскиот кандидат на Републиканската партија беше на митинг во Пенсилванија...