Руските сили жестоко ги гранатираа Харкив и Днипропетровскиот регион

Извор на фотографија: Укринформ

Ноќеска и утрово руските воени сили вршеа и вршат жестоки артилериски напади на градот Харкив и на Днипропетровскиот регион, а руската копнена и поморска закана за Одеса, најголемиот пристанишен град на Украина во голема мерка е неутрализирана, известува украинската новинска агенција „Укринформ“.

Загубите на руската жива сила, вооружување и механизација, пак, се зголемија. Според Вооружените сили на Украина, од 24 февруари годинава, кога Русија изврши воена инвазија на Украина, до утрово украинската одбрана елиминирала 43.900 руски војници, од кои 150 само во текот на изминатово деноноќие, пренесе „Укринформ“.

Според статистиките на украинската одбрана, досега се уништени 1.880 руски тенкови, 4.152 оклопни борбени возила, 989 артилериски системи, 263 повеќецевни ракетни лансери, 136 системи за противвоздушна одбрана (ПВО), 233 воени авиони, 196 хеликоптери, 790 оперативно-тактички беспилотни летала, 15 воени бродови, 3.049 камиони и камион-цистерни и 92 парчиња специјализирана опрема.

Во текот на изминатата ноќ, руските сили извршиле артилериски напади на две области во Днипропетровскиот регион – Кривиј Рих и Никопол. Користени се повеќецевни ракетни лансери „Ураган“, во две села се оштетени неколку приватни куќи и гасоводна инсталација, а две жени биле повредени.

Двапати била ракетирана и областа Никопол, при што со повеќецевни ракетни лансери „Град“ биле истрелани 40 ракети и 10 минофрлачки гранати, од кои сите завршиле на цивилна територија.

Вчера во регионот Донецк руските сили убиле еден цивил и повредиле двајца други. Со тоа трагичниот биланс на овој регион се искачи на 734 убиени и 1.905 повредени цивили во Донецк од почетокот на руската инвазија.

На полуостровот Крим, што речиси 8 години е анектиран од Русија, има експлозии и голем пожар во депо за оружје, известува „Укринформ“.

Во меѓувреме, според последниот разузнавачки извештај на Министерството за одбрана на Обединетото Кралство постиран на Твитер, копнено-поморската закана од руските вооружени сили кон Одеса, најголемиот пристанишен град во Украина, е во голема мера неутрализирана.

„Црноморската флота продолжува да користи ракети со голем домет за да ја поддржи копнената офанзива, но моментално има мака во остварувањето ефикасна поморска контрола. Го загуби командниот брод „Москва“, како и значителен дел од своите поморски борбени авиони и контролата врз Змијскиот Остров“, вели британското министерство за одбрана, посочувајќи оти тоа значи дека Украина сега може своите ресурси да ги насочи на копнени борби со руските сили.