Канцеларијата за човекови права на ОН денеска соопшти дека има „сериозна основа“ да заклучи дека ракетниот напад што уби 59 лица во угостителски објект во селото Хроза, во регионот Харкив во Украина на 5 октомври бил извршен од руските сили, пренесува украинската државна новинска агенција ukrinform.net.
Лиз Тросел, портпарол на Високиот комесар за човекови права на ООН пред новинарите во Женева, исто така кажа оти нема индикации дека имало воен персонал или легитимни воени цели во близина на угостителскиот објект.
„Денеска го објавуваме извештајот за настаните од 5 октомври, којшто заклучува оти има разумна основа да се верува дека ракетата била лансирана од руските вооружени сили. Нема индикации дека во угостителскиот објект или во негова близина во времето на нападот имало воен персонал или други легитимни воени цели“, објасни таа.
Канцеларијата на Високиот комесар на ООН за човекови права разговарала со 35 луѓе, вклучувајќи локални жители, сведоци, двајца преживеани, медицински персонал и вработени во мртовечницата.
Во нападот беа целосно уништени угостителскиот објект и соседната продавница.
„Извештајот вели дека руските вооружени сили или пропуштиле да направат сè можно за да се уверат дека целта е воено важна или намерно гаѓале цивили или цивилни објекти. И двете сценарија значат прекршување на меѓународното хуманитарно право“, се вели во соопштението од Канцеларијата.
Вчера светската јавност дозна за уште еден крвав инцидент со голем број цивилни жртви – деветчлено семејство што било убиено во селото Волноваха. Регионалното јавно обвинителство на регионот Донецк почна истрага откако во една куќа во селото било пронајдени мртви членовите на семејството, од кои две биле деца.
Селото Волноваха е под руска контрола и обвинителите сомнежите ги насочуваат на руски војници. Односно, според прелиминарните сознанија, луѓе во војнички униформи влегле во куќата во некој момент во текот на овој месец и побарале семејството што живеело таму да ја напушти куќата за да се сместат руски војници. Но откако 53-годишниот сопственик го одбил тоа, војниците нему и на неговото семејство му се заканиле со физичко насилство и заминале.
Во петокот, претставниците на руските вооружени сили повторно се вратиле во куќата и со огнено оружје ги убиле сите членови на семејството, додека тие спиеле. Меѓу убиените се три жени и две деца родени меѓу 2014 и 2018 година, пренесува ukrinform.net.