Промоција на книгата „Додека Спиеш“ од Биљана Стојановска оваа сабота во Охрид

Промотор ќе биде писателката Билјана Црвенковска, стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова – Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска

Фото: Биљана Стојановкса - „ДОДЕКА СПИЕШ“

Промоција на книгата „Додека спиеш“ од македонската поетеса Биљана Стојановска ќе се одржи во сабота, 13 јули, во кафе-бар „Ликвид“ во Охрид со почеток во 19:30 часот.

Промотор ќе биде писателката Билјана Црвенковска, стихови ќе интерпретираат Ана Голејшка Џикова, Долорес Атанасова – Лори, Снежана Стојчевска и Елена Митреска.

„Стојановска умее со природноста на Господинов да напише стихови за празнење на цревата и тоа да биде поетично. Умее во песните да даде неочекуван пресврт или ефект на изненадување, но умее и од реалност незабележливо да нѐ внесе во бајка и да нѐ воодушеви со магичниот реализам. Да ни раскаже приказна за камионот со сладолед и за вкусовите на летото среде зима, но и да нѐ тресне од сивиот бетон и да нѐ врати во реалноста на болничките соби каде луѓето се обидуваат да си го вратат достоинството и да си ја задржат главата на рамена“, вели Стојчевска во рецензијата за книгата.

Ова е трета поетска збирка на авторката, а прва во издание на „Чудна шума“. Стојановска во 2015 година ја објави нејзината прва збирка поезија „Зборовите немаат значење“, а за книгата „Стан што се распаѓа“ ја доби книжевната награда „Тодор Чаловски“ во 2017 година.