Продолжен е рокот за запишување на семестар на Медицинскиот факултет во Скопје

Со новите измени, рокот е продолжен до 23.02 и донесен е распоред кој определува посебни денови за носење на документи, според тоа кој семестар го запишуваат студентите

Студенти чекаат за упис на семестар / Фото: Мета.мк

По објавата на Мета.мк и заложбите на Универзитетското студентско собрание при УКИМ, Mедицинскиот факултет во Скопје го продолжи рокот за заверка на семестар без студентите да треба да плаќаат казна.

Рокот за пријави на студентите требаше да истече денес, среде испитна сесија, а речиси 3.000 студенти имаа исти термини за носење документи, по што пред факултетот се создадоа огромни редици. Студентите со часови чекаа со надеж дека ќе стигнат до службите за студентски прашања.

Студентите на Медицински факултет со часови чекаат ред за упис на семестар [галерија]

Со новите измени, рокот е продолжен до 23.02 и донесен е распоред кој определува посебни денови за носење на документи според тоа кој семестар го запишуваат студентите.

Па така, студентите кои запишуваат втор семестар ќе можат да го направат тоа на 19.02, четвртиот семестар ќе може се запишува на 20.02, шестиот семестар ќе може да се запишува на 21.02, осмиот семестар ќе може да се запишува на 22.02, а десеттиот семестар на 23.02.

Запишувањето на 12. семестар може да се прави во секој од погоре наведените термини. По 23 февруари ќе нема да има можност за запишување на семестар ниту со плаќање на казна.

Процесот за запишување семестар на медицинарите им започнува со избирање на предметите во „iKnow“ системот, а потоа студентите купуваат листови за заверка на стариот семестар од книжарите на факултетите, кои ги пополнуваат со лични податоци и кодови што ги дава „iKnow“. На крај, со индекс и со пријави, студентите одат на студентски прашања за заверка на документите.

Но, последниот чекор на студентите им одзема часови од времето среде испитна сесија, а студентите вчера се пожалија и на лошата организација.

„Не е воопшто организирано, сите смерови, сите години наеднаш запишуваме. Ни кажаа дека рокот е до утре. Претходно можело и покасно да се донесат документи, сега мора да се заврши до утре, а сесијата уште не е завршена. Чекаме редица од два часа и ако фали некој документ или потпис, ќе треба да се вратиме и пак да го правиме истото“, ни изјавија вчера дел од студентите додека стоеја во долгата редица.