fbpx

Претседателката Сиљановска-Давкова му го честита Денот на независноста на претседателот на САД Џо Бајден

„Нашата крајна цел е унапредување на благосостојбата на македонските граѓани, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на нашиот статус и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО“, пишува Сиљановска-Давкова во честитката до Бајден

-

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, по повод Денот на независноста на Соединетите Американски Држави, упати честитка до претседателот на САД, Џо Бајден.

Во продолжение е интегралниот текст на честитката.

Почитуван господине Претседателе,

Ми претставува особена чест и големо задоволство, во име на македонските граѓани и во свое лично име, да Ви го честитам Денот на независноста, упатувајќи најискрени желби за просперитет и за сестран развој на Вашата држава и за благосостојба на пријателскиот американски народ.

Овој 4 Јули, американските граѓани ја прославуваат 248-годишнината од усвојувањето на Декларацијата за независност и ги слават принципите на слобода и на еднаквост, коишто се вградени во овој документ, што претставува инспирација за многу народи во светот. Стремежот на татковците на американската нација да формираат влада, којашто го застапува и ја црпи својата моќ од народот, е подеднакво валиден до денешен ден и за многу други народи и концепти на управување, вклучувајќи го и македонскиот. Споделувајќи и негувајќи ги овие вредности, ние сме горди на традиционалното пријателство со американскиот народ и сме посветени на неговото натамошно зацврстување, како и на унапредување на соработката во сите сфери од заемен интерес.

Како стабилен партнер и докажан сојузник на Соединетите Американски Држави во НАТО Алијансата, остануваме фокусирани на заедничките определби за безбедност, слобода и демократски просперитет со учество во заедничките активности во борбата против заканите врз стабилноста и мирот во Европа и во светот.

Ја користам оваа пригода да се заблагодарам за поддршката од страна на Соединетите Американски Држави во спроведувањето на нашите реформски процеси, нагласувајќи дека ќе продолжиме посветено да работиме на нивната реализација. Нашата крајна цел е унапредување на благосостојбата на македонските граѓани, полноправно членство во ЕУ, а со тоа и подигнување на нашиот статус и зголемување на нашата сила како сојузник во НАТО.

Повторувајќи ги моите срдечни честитки и надежта дека цврстите врски помеѓу нашите две земји и пријателски народи ќе продолжат да јакнат и во иднина, Ве молам, господине Претседателе, да ги примите изразите на моето највисоко почитување.

Гордана  Сиљановска-Давкова

Avatar
Марио Спасевски
Новинар, Подкастер, Туризолог, Надреалист, Гејминг Гуру, Авантурист, Патник низ времето...

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поплави во Бангладеш: Осум загинати и над 2 милиони загрозени

Бројот на загинати во поплавите во Бангладеш оваа недела се искачи на осум, а повеќе од два милиони жители ги осетија последиците обилните дождови, кои предизвикаа излевање на реките...