Пресметка меѓу двете криминални банди Дуќанџик и Барон: Едно лице убиено, подметнат пожар во кафуле

Од обвинителството велат дека се проверува евентуална поврзаност на двата кривично-правни настани во Скопје, пожарот и убиството

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Вчерашното убиство на Зељкиф Туша (56), таткото на Гани Туша, се претпоставува дека е дел од пресметката на двете скопски криминални банди Барон и Дуќанџик. Гани Туша е осомничен дека е убиецот на Орхан Бајрами-Оки, еден од водачите на бандата Дуќанџик, со што во медиумите се шири тезата дека станува збор за пресметка меѓу крилата од двете криминални банди (Беланоца/Барон и Грчец/Дуќанџик).

Дополнително на ова, вчера наутро, пред да биде убиен таткото на Туша, имало и пожар во кафулето Барон во Чаир. Кафулето има исто име како скопската криминална група Барон чии припадници соработуваат со групата Беланоца и се во отворена улична војна со криминалните групи Дуќанџик/Грчец. Телевизија Телма објави и видео од подметнувањето на пожарот. Станува збор за три маскирани лица кои го палат објектот во рок за нецела минута.

Од обвинителството велат дека се проверува евентуална поврзаност на двата кривично-правни настани во Скопје, пожарот и убиството.

„Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје изврши увид на лице место во близина на Блаце, каде беше пронајдено безживотно тело на маж со прострелни рани. При увидот подигнати се траги кои ќе бидат предмет на вештачење. Издадена е наредба за обдукција на телото на починатиот, а јавниот обвинител даде насоки да се извршат проверки и да се преземат дејствија за обезбедување на докази. Во однос на пожар во угостителски објект во Чаир, увид извршила увидна екипа на МВР. Подигнати се траги од лице место, обезбедени се снимки од видео надзор. Според првичните сознанија, пожарот е подметнат. Се постапува за откривање на сторителите и за проверка на евентуална поврзаност на двата настани“, велат од Јавното обвинителство.