fbpx

Пратеници лани добивале и по 1.000 евра месечно за патни трошоци [инфографик]

Само минатата година, за патни трошоци на пратениците биле потрошени над 366 илјади евра (22.554.520 денари). Вкупно, овој пратенички состав, односно пратениците кои живеат во внатрешноста, до декември 2023 година зеле патни трошоци од 1,1 милиони евра, покажуваат податоците кои Мета.мк ги доби од Собранието

-

И по 1.000 евра месечно добивале пратеници од актуелниот пратенички состав за патни трошоци до своето место на живеење. Само минатата година, за патни трошоци на пратениците биле потрошени над 366 илјади евра (22.554.520 денари), покажуваат податоците кои Мета.мк ги доби користејќи го Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Најмногу пари за гориво и патарини лани биле исплатени на Јадранка Поцкова, пратеничка од Струмица од ВМРО-ДПМНЕ. Таа добила 751.777 денари или 12.200 евра, што значи месечно на платата што ја добивала, на сметката ѝ легнувале уште дополнителни 1.000 евра. На пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Дајанчо Ефтимов од Струмица, лани на сметката му легнале 708.016 денари или 11.512 евра, додека пратеничката од СДСМ Љубица Спасова од Струмица за гориво и патарини добила 696.712 денари или 11.328 евра. Пратеникот од СДСМ, пак, Миле Талевски од Прилеп за патни трошоци зел 10.637 евра, а Драгица Ѓавочанова од СДСМ, од Прилеп – 9.663 евра.

Во 2022 година, пак, на Поцкова за патни трошоци ѝ биле исплатени над 14.000 евра, што е највисока сума од сите пратеници. Високо котира и пратеникот од Алијанса за Албанците, Сурија Рашиди од Струга, на кој му биле исплатени 13.500 евра, додека Мирче Аџиоски од Струга, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, зел 14.400 евра.

Во прилог е листата на сите пратеници кои во 2023 година земале патни трошоци за гориво и за патарини за да одат на работа во Собранието.

Ветувањето на СДСМ во програмата 2020-2024 не беше остварено. Таму, (на страна 190) децидно беше наведено дека ќе бидат укинати патните трошоци за пратениците во Собранието, поради „можност за злоупотреби и нешто што сериозно ја намалува довербата на граѓаните во своите претставници“.

„Тоа мора да го промениме и очигледно на оваа тема политиката на постепени промени не го даде посакуваниот резултат. Затоа, системот ќе го промениме од корен. Ниту еден пратеник нема да добива патни трошоци за патување од Скопје до дома. Собранието ќе обезбеди станови од околу 50 м2 за секој пратеник да може да остане во главниот град во текот на неделата. Злоупотребите граѓаните ги гледаа и кај претставници од извршната и судската власт. Затоа, за сите ќе важи правилото дека сами ќе доаѓаат и ќе се враќаат од работа, без користење на службени автомобили. Мерката нема да значи многу големи заштеди, но ќе помогне во градење на доверба во избраните лица и свест дека политиката не може да биде над граѓаните“, стоеше во програмата на СДСМ.

И покрај ова ветување, кај пратениците кои живеат надвор од Скопје уште од август 2020 година започнала исплатата на патни трошоци, за време на ковид кризата. Од август до декември 2020 година, потрошени биле 103.815 евра. Најмногу пари за патни трошоци се потрошени во 2022 година – речиси половина милион евра. Или вкупно, овој пратенички состав, односно пратениците кои живеат во внатрешноста, до декември 2023 година зеле патни трошоци од 1,1 милиони евра.

Од СДСМ не одговорија на нашето прашање од кои причини не биле укинати патните трошоци за пратениците, како што беше ветено во нивната претходна програма.

Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ за 2024-2028, пак, воопшто не е споменато укинувањето на патните трошоци.

​„ВМРО-ДПМНЕ се залага за доследно почитување на процедурите и пропишаните правила. До сега главниот проблем беше злоупотребата која се правеше од неодговорни поединци. Нашата заложба е да се искорени тоа преку засилување на мониторингот и ставање крај на злоупотребите“, велат од ВМРО-ДПМНЕ за Мета.мк.

Пратениците кои живеат надвор од Скопје добиваат патни трошоци од цената на еден литар гориво за изминати пет километри за да присуствуваат на седница. Најмногу земаат тие што живеат најдалеку. Пратениците имаат законско право на овие трошоци, кои освен за гориво, се и за одржување и амортизација на приватното возило кое се користи за службени потреби.

Во 2018 година, собраниската Комисија за прашања на избори и именувања усвои нов начин на покривање на трошоците на пратениците, со што пратениците од внатрешноста на државата кои не поседуваат живеалиште во Скопје, ќе мора да одберат дали ќе патуваат секој ден на работа со свој автомобил, за што ќе добиваат надомест за патарина и за гориво во висина од 20 отсто или ќе закупат стан за кој Собранието ќе издвои средства од најмногу 400 евра, а трошоците за гориво ќе им бидат покриени само за викенди.

Висината на патните трошоци најмногу внимание предизвика во јавноста кога тогашната пратеничка од ВМР0-ДПМНЕ Силвана Бонева се гонеше дека во периодот од 2011 до 2015 година до службите во Собранието поднесувала лажни фискални сметки од патарини, по што ѝ биле исплатени над 10 илјади евра, иако имала стан во Скопје и не патувала за да присуствува на седници на Собранието.

Поранешната пратеничка, пак, ги отфрлаше обвинувањата, велејќи дека станува збор за невистинито и паушално обвинение.

Обвинението за случајот „Друмарина“ беше поднесено во септември 2020 година од страна на тогашното Специјално јавно обвинителство, а судскиот процес започна во декември истата година. Во февруари годинава, пак, таа доби ослободителна пресуда.

„Судот утврди дека Јавниот обвинител, надвор од разумно сомнение, не го докажа делото кое ѝ се става на товар на обвинетата, а во однос на оштетното побарување на РСМ, застапникот го упати на спор“, соопштија од Основниот Кривичен суд Скопје.

*Забелешка: Текстот е коригиран на 17.05.2024 година.

Во претходниот текст, наместо трошоците на пратеникот Сурија Рашиди беше напишано името на пратеничката Жаклина Лазаревска (дека зела патни трошоци од 13.500 евра). Точниот податок е дека Рашиди во 2022 година има патни трошоци од 13.500 евра, додека Лазаревска околу 5.500 евра. Се извинуваме за ненамерната грешка. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

ВМРО-ДПМНЕ повторно ја враќа оградата од ковано железо околу Владата

Меѓу многуте одлуки од денешната, втора седница на новата влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ, донесена е и одлука за враќање на оградата околу владината зграда, која беше отстранета пред пет...