Попоски: Тензиите кај Идомени да не влијаат на дијалогот за градење доверба со Грција

Шефовите на дипломатиите на Македонија, Грција, Албанија и на Бугарија денеска во Солун разговараат за зајакнување на меѓуграничната соработка за бегалската криза. На средбата учествува македонскиот министер за надворешни работи, Никола Попоски, и делегација од македонското Министерство за внатрешни работи, кои ќе дискутираат за надминување на предизвиците од бегалското прашање, спречување на нелегалниот шверц на бегалци и на мигранти, но и за похуманиот третман кон бегалците.

Средбата почна доцна попладнево со состанок на четворицата шефови на дипломатиите, Никола Попоски, Никос Коѕиас, Даниел Митов и Дмитри Бушати.

Шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕиас, пред почетокот на средбата истакна дека оваа иницијатива е за да се подобри комуникацијата и соработката околу ова критично прашање во регинот.

– Во рамки на иницијативите што ги преземаме, ја имаме средбата на четирите држави од регионот за да разговараме за бегалскиот проблем и за меѓуграничната соработка и генерално за соработката околу државите – истакна Коѕиас.

Грчкиот министер на почетокот на состанокот на „Твитер“ забележа дека државите не смеат да останат заробеници на историјата и дека мора да ја подобруваат соработката секојдневно.

Министерот Попоски пред почетокот на средбата истакна дека очекува дијалог околу конкретни мерки, кои може да се преземат за подобро справување со бегалската криза и за избегнување на насилни инциденти како тие пред неколку недели. Тој ја истакна потребата за побрзо преместување на бегалците од Идомени во бегалски кампови, коментирајќи дека овој чекор би бил во сечиј интерес од хуманитарен аспект, поради лошите услови во кои живеат бегалците, но и од безбедносен бидејќи бегалците ќе бидат сместени во посигурни услови за живот.

– Очекувам дека мораме да дискутираме околу мерки кои ќе ни бидат потребни за спречување на нелегалната миграција. Добро е тоа што има и министри за надворешни и министри за внатрешни работи кои ќе се приклучат утре на состанокот, кои ќе разговараат околу мерките кои е неопходно да се преземат од грчка страна за избегнување на насилство и за избегнување на масовните нелегални премини од оние мигранти кои се заглавени во моментов во шатори на самиот граничен премин – изјави Попоски.

Шефот на македонската дипломатија истакна дека состанокот е и добра можност да се продолжи дијалогот за мерките за градење доверба, кој периодов поради тензиите на Идомени оцени дека е разнишана. Забележа дека се надева наскоро да се продолжат состаноците со грчката страна.

– Не смееме да дозволиме поради тековната криза да страда една многу позначајна цел, а тоа е зголемување на довербата помеѓу Грција и Македонија и излез од оној ќор-сокак во кој сме влезени веќе долг временски период на сметка на граѓаните од двете страни на границата – забележа Попоски.

Утре средбата ќе продолжи со состанок на министрите за внатрешни работи, кој ќе го предводи грчкиот министер за цивилна заштита Никос Тоскас, а потоа ќе има и заедничка дискусија на министрите за внатрешни и за надворешни работи.

Надежите се дека средбата ќе помогне да се договорат начини како истовремено да се заштитат граѓаните на секоја од државите, да се осигури безбедноста на границите, но и да се заштитат и да им се укаже хумана грижа на бегалците.