Под мотото „Спектакуларно непослушни“ се одржа петтиот „Скопје Прајд“

Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, како што велат организаторите, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на борбата за еднаквост

-

Под мотото „Спектакуларно непослушни“, денеска се одржа петтиот „Скопје Прајд“. Почетната точка беше во паркот „Жена-борец“, каде во 17 часот започна собирањето на учесниците, а во 19 часот по кратките поздравни говори започна протестниот марш по скопските улици, а на крај парадата завршува со културно-забавна програма на стадионот на АРМ во Градскиот парк.

Фото: Мета.мк

На прашањето зошто името на парадата е „Спектакуларно непослушни“, Кочо Андоновски, член на организацискиот тим одговара:

„Непослушни затоа што сакаме да ја реафирмираме таа наша опозиција на патријархатот кој нѐ владее доста векови. Спектакуларно како едно обележје на самата заедница која е забележителна и како одбележување на јубилејот на петти Прајд. Дури и „Њујорк тајмс“ објави фотографии од првата Парада на гордоста во Скопје и ништо помалку спектакуларно не очекуваме и за овој Прајд. Тој ќе биде еден од најдобрите и најпосетените настани во Скопје како и претходните години“.

Фото: Мета.мк

Скопје Прајд, како и другите паради на гордоста, како што велат организаторите, е празник на љубовта, ден на видливоста на маргинализираните и, секако, повод за славење на жилавоста на борбата за еднаквост.

Фото: Мета.мк

На „Парадата на гордоста“ поддршка на учесниците дојдоа да им искажат и поранешните министерки за култура и за труд и социјала, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Јована Тренчевска.

Од 15 часот денеска во централното градско подрачје во Скопје имаше посебен режим на сообраќај поради петтата по ред „Парада на гордоста“.

Започна третото издание на Маалски фестивал под мотото „Културата како јавно добро“

Вчера, во Парк во Франкофонија, активистите, уметниците и учениците ги споија познавањата и креативноста во колективни мемории и дела. Учениците од ОУ „Кочо Рацин“ и ООУ „Коле Неделковски" - Центар,...