Штипската компанија Даг Фагус денеска ги удри темелите на трговскиот центар Штип Сити мол, инвестиција вредна 10 милиони евра, најавувајќи отворање на нови 250 работни места.

Работите почнаа на површна од 11000 квадратни метри, од кои 7.500 квадрати се за зградата на четири ката, каде ќе бидат сместени трговски центар, бизнис комплекс и хотел.

-Идејата е да изградиме место кое ќе претставува двигател на економскиот развој во градот Штип и поширокиот регион, да ги донесеме поблиску до граѓаните на источниот регион големите брендови и на едно место да понудиме содржини карактеристични за модерното урбано живеење. Штип Сити Мол- Поблиску до Вас! е проект кој има потенцијал да отвори многу работни места и да стимулира напредок на целиот регион – кажа Горан Јордев, извршен директор на Дик Фагус.

На свеченоста присуствуваше и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски кој ја истакна важноста на ваквите инвестиции за заздравување на македонската економија во време на пандемијата како и за економски развој на источниот регион и задржување на младите во Штип.

-Во ова тешко време на ковид криза, ова е убава можност да одбележиме почеток на еден многу значаен проект за Штип и регионот. Убеден сум дека овој проект е пресвртница за градот кој ќе отвори преку 250 нови работни места и нови можности за економски развој“, рече министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.

Новиот трговски центар се гради на влезот од Штип, веднаш до Аква паркот, до некогашниот Градски базен. Најавата е дека центарот ќе биде функционален за сезоната езен – зима 2020 година.